Операта е создадена да трае низ времето, порачува Диновски по повод Меѓународниот ден на операта

Операта не е создадена за да ни го привлече вниманието за миг, туку да го задржи низ времето, дизајнирана вечно да трае. Каков успех – порача оперскиот пејач, едукатор и ментор Горан Диновски по повод Меѓународниот ден на операта.
Во својата порака, Диновски наведува дека и покрај предизвиците со кои се соочија сценските уметности во изминатите години, останува вербата дека времето на живата комуникација меѓу уметникот и публиката повторно го зазема своето место.
Според него, љубовта е суштинската нишка што ги поврзува најголем дел од оперските дела и претставува аманет што човештвото го носи низ генерациите.
-Креативниот порив на многу оперски композитори од минатото е заснован на љубовта, а таа во оперската уметност е аманет за човештвото. Ценам дека овој аманет е клучната порака за нашата радост, среќа и иднина, а оперскиот театар е задолжен да ја пренесува – наведува Диновски.
Тој истакнува дека оперските уметници имаат значајна улога како посредници меѓу делото и публиката и дека во творечкиот процес не смее да се заборави оние на кои им е наменета уметноста.
Во пораката Диновски оценува дека во современото динамично време луѓето лесно можат да се оддалечат од суштинските вредности, но дека истрајноста и грижата за културата и духовноста остануваат неопходни.
Меѓународниот ден на операта се одбележува на 25 октомври со цел да се промовира значењето на оперската уметност и нејзината улога во поврзувањето на луѓето и културите. Датумот е избран во чест на родендените на композиторите Жорж Бизе и Јохан Штраус Втори.






