Ревизионизмот на Вотергејт

Најсилната демократија на светот денеска, на 4 јули, ќе одбележи 250 години од независноста. Создавањето на САД во 1776 година беше спектакуларен настан тогаш и останува да биде спектакуларен и ден-денес. Оваа неверојатна годишнина и фасцинантниот напредок, успех и глобално влијание на Америка, се разбира, е гордост за целото човештво. А ќе биде и понатаму.
Како што сегашниот станар во Белата куќа, Доналд Трамп, сака сѐ што прави да биде grandeur, така ќе биде и денешната прослава на Националниот мол во Вашингтон. Се очекува температурата во сабота вечер да биде близу 40 степени Целзиусови, но тоа за Трамп не е проблем и не треба да биде ни за сите оние што ќе дојдат на прославата. „Надвор ќе биде приближно 107 степени Фаренхајтови (41,6 Целзиусови), а јас ќе одам и ќе одржам навистина долг говор само за да покажам дека можам да направам сè”, рече Трамп во Јужна Дакота во четвртокот. Планот е говорот на Трамп да трае најмалку 60 минути, а потоа во 23 часот да почне огнометот.
Самата претстава, како што изјави претседателот на Truth Social, исто така ќе биде „ОГРОМНА“. Повеќе од 850.000 пиротехнички средства ќе бидат лансирани кон небото над Вашингтон од 10 локации за 40 минути. За споредба, типичната претстава на 4 јули во Вашингтон трае околу 20 минути и вклучува околу 20.000 огномети. На годинашниот Супербол беа употребени 9.800 пиротехнички средства. Што е важно дека од толкав огномет дополнително ќе се зголеми температурата во Вашингтон или дека честичките од атмосферата полни со токсични метали ќе паднат на земјата и потоа ќе бидат вдишувани од луѓето. Големината на прославата мора да биде „огромна“, затоа што Америка на Трамп мора да ја покаже моќноста пред целиот свет, а уште повеќе на самиот претседател.
Има многу иронии во прославата на демократијата и независноста на државата. За назадувањето на демократијата во многу аспекти во ова време се пишува секој ден, особено во американските медиуми. Но изгледа дека една од најспецифичните иронии е што Трамп отиде во Јужна Дакота кај Маунт Рашмор (планината каде се исклесани ликовите на четворица американски претседатели) со авионот подарок од Катар. Тоа беше прв лет на овој „боинг“, откако се опремуваше со безбедносни и комуникациски системи за кои беа потрошени барем половина милијарда долари. А најдоцна за две години треба да стигнат новите два претседателски авиони од „Боинг“ кои ќе чинат две милијарди долари. Иронијата е „огромна“ – претседателот ќе лета со подарен авион на 250-годишнината и пред да се качи на првиот лет во средата рече: „Искрено, не можевме да изградиме ваков авион“. А авионот што го доби од Катар беше изграден во државата Вашингтон во фабриките на „Боинг“. Кој може да ги испофати сите конци на оваа мрежа од алтернативни факти.
Се разбира, на македонската јавност ова не мора да ѝ значи ништо, иако некои може да бидат одушевени од „големината“ на прославата. Некои овде вечерта може, а и не мора, да го погледаат чудесниот филм „Сите луѓе на претседателот“ на Ален Пакула за аферата Вотергејт и за моќта на новинарството и на слободната мисла на американските конгресмени и сенатори кои го принудија Ричард Никсон да поднесе оставка. Новинарите Боб Вудворд и Карл Бернштајн од „Вашингтон пост“ се глобални икони на новинарството и на истражувањето на корупцијата и поткопувањето на политичките противници во самиот врв на Белата куќа (Роберт Редфорд и Дастин Хофман). А може да го погледаат и „Пост“ на Стивен Спилберг, исто за времето на Никсон, и за тоа како издавачот на „Вашингтон пост“ (Катерина Греам) и главниот уредник (Бил Бредли) – ги глумат Мерил Стрип и Том Хенкс – се спротивставија на сите притисоци и ги објавија озлогласените „Пентагон пејперс“ (документи за 20-годишната инволвираност на САД во Виетнамската војна).
Тие може да бидат подобро четиво од десетици книги за состојбата во која се наоѓаше американската демократија во 1970-те, а потоа да направат некакви споредби со денес. Ако сакаат. И дополнително да прочитаат што зборуваше потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс минатата недела во претседателската библиотека на Никсон во Калифорнија и како е на дело ревизионизам на историјата за Вотергејт од највисокото можно место во хиерархијата на власта во САД.
Фалбите на Венс за Никсон
Неговото излагање таму е амблематично од повеќе аспекти и тоа на многу начини зборува за правецот во кој некои се обидуваат да ја туркаат демократијата не само во Америка, туку и во светот. Некои работи што ги кажа Венс изгледаат дури и несфатливо и се надвор од сите докажани факти. Тоа е дел од проектот во последниве години, во кој некои истакнати конзервативци се обидуваат да го рехабилитираат имиџот на Никсон.
Што кажа Венс во библиотеката на Никсон каде беше да ја промовира својата книга „Причеста“ во која ја објаснува трансформацијата од атеист во посветен католик:
„Ако Вотергејт се случеше утре, тоа би била 12-часовна вест“, рече потпретседателот за време на дискусијата. „Идејата дека тоа би го соборило претседателството е луда“.
Венс продолжи: „Ако ја погледнете приказната за тоа како длабоката држава го собори Ричард Никсон, не е толку различна од она што истите групи луѓе, истите институции, се обидоа да му го направат на Доналд Трамп во првата администрација. Постои паралела“.
На Трамп на двапати му беше изгласан импичмент за време на неговиот прв мандат: еднаш за наводна злоупотреба на својата моќ за да изврши притисок врз украинскиот претседател, Володимир Зеленски, да го истражи неговиот тогашен ривал Џо Бајден под закана за запирање на воена помош; и вторпат за разгорување на толпата поддржувачи кои го нападнаа американскиот Капитол на 6 јануари по неуспешната кампања за поништување на неговиот изборен пораз.
Во своите забелешки минатата недела Венс рече дека наследството на Никсон со право „ужива во еден вид ренесанса“, при што поголемо внимание се посветува на неговите дипломатски достигнувања во завршувањето на Виетнамската војна и отворањето на односите со Кина. Никсон, тврдеше Венс, беше „политички гениј“ со кого дели многу особини.
„Млад сенатор. Потпретседател. Пишува неколку бестселери. Медиумите го мразат“, рече Венс. „Звучи како Џ.Д. Венс“.
Хм. Половина век, Вотергејт е вистински американски скандал со глобални импликации. На многу скандали поврзани со корупција во различни држави или институции им се додава „-гејт“ за да се одреди лошто работење или прикривање.
Американските конзервативци имаат долгодишно хоби – препишување на историјата за да се ослободат од нивните гревови и за да го преобликуваат американскиот ум за да се усогласи со нивните вредности. (Секако, тоа не е само таму, и во многу европски држави, па и во Македонија, конзервативците и националистите сакаат да прават ревизија на историјата.)
Вотергејт е дел од овој ревизионистички проект уште од денот кога Никсон поднесе оставка од претседателската функција. Неодамна, истакнати личности од американската десница, вклучувајќи ги Такер Карлсон и Стив Бенон, тврдеа дека Вотергејт бил наместен од „длабоката држава“ за да го обвинат Никсон, кој бил невин. Венс сега се придружи на нивниот број.
Вотергејт беше повеќе од провала
Но, како што по излагањето на Венс напишаа многу американски аналитичари, политиколози и историчари, Вотергејт беше многу повеќе од само провала во седиштето на Демократската партија во комплексот во Вашингтон, што му го даде името на скандалот. Провалата доведе до разоткривање на гниењето во администрацијата на Никсон: планина од кривични дела, од перење пари до попречување на правдата, до повеќе дополнителни провали, па сè до шокантна злоупотреба на владина моќ.
Во еден момент, советникот на Белата куќа, Џон Дин, кој подоцна ја пронајде својата совест и ѝ кажа на јавноста што видел и направил, напиша меморандум за други функционери на Белата куќа. Снимките од Белата куќа го снимаат Никсон лично како извршува кривични дела, вклучително и правење план да ѝ наложи на ЦИА да ја поништи истрагата на ФБИ за провалата во Вотергејт.
На крајот, десетици луѓе во администрацијата и политичката орбита на Никсон се изјаснија за виновни или беа осудени за криминали. Меѓу испратените во затвор беа државниот обвинител, шефот на кабинетот на Белата куќа и главниот советник за внатрешна политика на претседателот.
На различни места и во различни случаи се споменува „длабоката држава“. Од многу конзервативци на различни меридијани „длабоката држава“ има позитивно значење само кога државни функционери или службеници се регрутирани од која било власт. Но таа „длабока држава“ за време на Никсон не ги прикриваше криминалните дејствија на претседателот, туку го разоткрија.
Минатата недела еден американски коментатор напиша:
„По Вотергејт, ни беше кажано дека ‘прикривањето е полошо од криминалот’. Всушност, тоа не беше вистина – прикривањето беше ужасно, но му претходеше цела низа ужасни злосторства. Трамп, сепак, одлучи дури и да не се заморува со прикривањето. Ако не се обидете да ја скриете вашата корупција, конгресмените нема да бидат толку шокирани“.
Ник Акерман, тогаш млад обвинител во случајот Вотергејт, пред некој ден напиша текст за телевизиската мрежа МС нау, во кој анатомски ги сецира погрешните тврдења на Венс. Еве еден дел од него:
„Апсењето на провалниците во Демократскиот национален комитет во јуни 1972 година можеби би било 12-часовна вест ако прикривањето на Белата куќа од страна на Никсон, кое го опиша случајот како третокласна провала, беше успешно.
Не беше.
Иако прикривањето траеше во текот на претседателските избори во 1972 година, на кои Никсон убедливо победи, Никсоновото учество почна да се расплеткува два месеци откако беше инаугуриран за својот втор мандат. На 23 март 1973 година, судијата Џон Сирика, назначен од републиканците, кој претседаваше со кривичниот прогон на провалниците (ангажирани од ЦИА и ФБИ – н.з.), рече дека верува оти постои поширок заговор и планира да ги осуди провалниците на строги казни.
Еден од нив, поранешниот оперативец на ЦИА, Џејмс Мекорд, излезе и му откри на судијата дека провалниците биле под притисок да се изјаснат за виновни и да молчат по наредба на други.
Овој пробив во случајот беше почеток на крајот за Никсон. Дополнителни факти произлегоа од сослушувањето на Комитетот за правосудство на Сенатот за номинацијата на Патрик Греј за директор на ФБИ. Греј призна дека ги запалил релевантните документи во својот камин. Новинарите на ‘Вашингтон пост’, Боб Вудворд и Карл Бернштајн, објавуваа разни разоткривања од нивниот извор идентификуван како ‘Длабоко грло’.
Ниту едно од овие речиси секојдневни откритија не претставуваше само 12-часовен информативен циклус. Додека Никсон возвраќаше, изјавувајќи: ‘Јас не сум измамник’, повеќе детали за неговата измама и корупција беа откриени во период од две години. Работејќи на случајот Вотергејт, се справував со напливот од обвинувања што се претворија во поплава од криминал. Сето ова претставуваше тековен информативен циклус што не заврши, дури ни откако Никсон ја напушти функцијата. Доколку денес се појави сличен скандал, на сличен начин, не треба да очекуваме дека ќе се одвива многу поинаку“.
Дали е така? Трамп е осуден за кривични дела, па тоа не пречеше по вторпат да стане претседател. Американската демократија е на големо искушение. Или како што рече Барак Обама во интервју за Кристијане Аманпур пред три години: „Демократијата ќе победи ако се бориме за неа“.
Љупчо Поповски
Извор: dw.com/mk






