„Нема стабилност и развој со зголемен дефицит, ребалансот е признание за промашените политики на власта“, вели Трајчуловски

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, говорејќи на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, оцени дека предложениот ребаланс на Буџетот претставува признание за, како што рече, погрешното планирање и неуспешните економски политики на Владата, обвинувајќи дека со него повторно се зголемуваат дефицитот и задолжувањето.
Говорејќи на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, Трајчулески истакна дека Владата не може истовремено да зборува за економска стабилност и да предлага значително зголемување на буџетскиот дефицит.
Според него, особено загрижувачко е тоа што со ребалансот се намалуваат даночните приходи за 900 милиони денари и приходите од акцизи за 1,6 милијарди денари, додека расходите дополнително се зголемуваат.
Тој посочи дека доколку намалените приходи се резултат на владините мерки поврзани со горивата, тогаш Владата треба јасно да објасни кои расходи ќе бидат намалени за да се надомести тој ефект.
Трајчулески ја критикуваше и презентацијата на капиталните инвестиции, оценувајќи дека проектите што Владата ги претставува како свои се всушност наследени од претходната власт.
„Фактите се безмилосни, сите овие капитални инвестиции се оставштина од претходната влада. Нема ниту еден нов проект од оваа влада“, изјави Трајчулески, додавајќи дека јавноста заслужува конкретни информации за новите проекти, роковите и институциите задолжени за нивната реализација.
Тој оцени дека Владата не може истовремено ребалансот да го претставува како развоен, социјален и стабилизациски, а притоа да го зголемува буџетскиот дефицит за повеќе од седум милијарди денари.
Според Трајчулески, СДСМ не е против инвестиции и поддршка за граѓаните, туку против, како што рече, лошо планирање, непрецизно образложени расходи и задолжување без јасно утврдена цел.
Воедно, тој побара Владата да одговори кој е одговорен за погрешните буџетски проекции, дали ова ќе биде последниот ребаланс во текот на 2026 година, колку ќе се зголеми јавниот долг, какви ќе бидат дополнителните трошоци за камати, зошто се намалуваат даночните приходи и колкав дел од капиталните расходи се однесуваат на нови проекти, а колкав на претходно преземени обврски.
„Ова не е технички ребаланс, туку признание за погрешно планирање. Кога расходите растат побрзо од приходите, сметката ја плаќаат граѓаните. Нема стабилност со дефицит што расте за над седум милијарди денари“, порача Трајчулески.






