Скопската пречистителна станица била во фокус на странски истражители

„Нетретираната отпадна вода и испустите од поголемите градови и понатаму остануваат примарни извори на загадување на водите, особено на реките“, стои во ланскиот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија,  пренесува  nota

 

Квалитетот на речните води во Македонија треба да се подобри со изградба на пречистителни станици. Таа, којашто треба да пречистува вода од скоро третина од популацијата во земјата, се реализира низ годините со бавно темпо.

Контактиравме бројни извори за да разбереме зошто изградбата на пречистителната станица во Скопје трае толку долго. Тендерот беше распишан во јуни 2020 година, кога се кажа дека во 2025 година Скопје ќе добие пречистителна станица. Една година по овој рок, таа сѐ уште е во изградба.

Пречистителна станица Скопје - градилиште, багер

Тендерот го доби германската фирма ВTЕ Васертехник ГмбХ (WTE Wassertechnik GmbH), која во тоа време беше во сопствеништво на автриската ЕВН. На 3 Март годинава фирмата е преземена од австриската групација СТРАБАГ (STRABAG SE). Македонски изведувач е градежната фирма Жикол. Лице вклучено во изградбата нѐ информираше дека македонските власти влегле во проектот без детални урбанистички планови, без експропријација на имотот, без обезбедена струја на градежната парцела и без да се утрврди дали мостот, подигнат специјално за изградбата, може да го поднесе притисокот од градежната механизација. Договорот е потпишан три години по тендерот, а изградбата почнала дури во 2025 година.

„Договорот за проектирање и изградба на станицата за пречистување на отпадни води на Скопје беше потпишан на 04.04.2023 година. Реалната имплементација во тој момент не можеше да започне. Сѐ уште беа во тек постапките за усвојување на планската документација (ДУП). Четири постапки се водеа паралелно во Општина Гази Баба и Општина Аеродром. Потоа се изработуваше и Урбанистички проект за инфраструктура. Немаше обезбедено пристапен пат до локацијата. Истиот беше изграден во рамки на овој договор. Одобрение за градење беше издадено на 27.03.2025, по што во април 2025 започна изградбата на објектот“, објаснува Ивона Младеновска, советник за меѓународна соработка и проекти во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Донесени ДУП-ови една година пред најавено завршување на градбата

Општината Гази Баба, како и Град Скопје ги игнорираа барањата за одговори. Од Општина Аеродром нѐ информираа дека сите постапки биле водени согласно законските процедури и рокови. Документите, до коишто дојдовме, покажуваат дека деталните урбанистички планови во Општина Гази Баба се донесени на 16 Февруари и 30 Април 2024 година – односно една година пред првично најавеното завршување на пречистителната станица.

ДУП Гази Баба

Овие недостатоци ги воочува и Делегацијата на ЕУ, кога се работи за изградба на пречистителни станици во државата.

„Главните предизвици поврзани со спроведување на проектите за изградба на пречистителни станици за отпадни води вклучуваат: посветеност од страна на националните власти; комуникација и разбирање меѓу централното и локалното ниво; исполнување на предусловите: експропријација на земјиште, поврзување со комунална инфраструктура, дозволи; навремена изработка на проектите за пречистителните станици; процедурални доцнења и доцнења во јавните набавки; капацитет на изведувачите; реформи во јавните комунални претпријатија; функционални и стручни единици за имплементација на проекти“, стои во одговорот од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Подолго време – поголем трошок

Развлекувањето на изградбата на пречистителната станица во Скопје освен критика, носи и дополнителни трошоци, за што е потребен анекс на договорот.

„Вредноста на работите во договорот за проектирање и изградба изнесува 167.098.000 евра. Заедно со резерви за непредвидени работи 184.534.856 евра. Вредноста на Договорот за надзор изнесува 3.179.105 евра. Заради продолжениот рок на завршување на градбата, се очекува дополнителен трошок околу 1,2 милиони евра. Согласно договорот, предвидена е промена на цена согласно статистичките индекси на цени, максимално до 10%. Поради задоцнето започнување на градбата, има дополнителен трошок од 8.584.971 евро. Камати за задоцнета исплата од 1.716.905 евра. За изградба на времена пристапна улица 1.490.419 евра“, објаснува Ивона Младеновска, советник за меѓународна соработка и проекти во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

чинење на пречистителната станица во Скопје

Така во 2026 година се доаѓа до сума од 200.706.256 евра. Во јуни 2020 година, кога се објави повикот за изградба на пречистителната станица, се информираше дека таа ќе чини 136.000.000 евра. Пречистителната станица треба да се заврши кон крајот на 2027 година.

„Поради горенаведените причини, рокот за завршување на градбата е продолжен за 18 месеци, а согласно актуелниот план градбата треба да заврши во ноември 2027 година. Потоа ќе следи период на пробна работа од две години. Објектот ќе биде превземен од страна на ЈП Водовод и канализација Скопје во ноември 2029 година. Во моментов (април 2026 година, новинарска забелешка) напредокот на градбата е 30%“, објаснува Младеновска.

Градба во две фази

Станицата ќе пречистува вода од скоро една третина од целата популација во Македонија. Пречистената вода ќе се користи само за технолошки потреби во рамки на постројката, а остатокот ќе се испушта во реката Вардар. Каналите се веќе видливи.

Канал пречистителна станица Скопје

Според проектот за пречистителната станица, во првата фаза ќе се завршат две единици -предпречистителна и единица за биолошки третман. Надградбата на биолошкиот третман ќе вклучи отстранување на натриум и фосфор, што ќе биде опфатено со изградбата во втората фаза на проектот до 2045 година.

Пријави за можна корупција

Темата за пречистителната станица беше проследена со обвинувања за корупција. Претходната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, обвини дека фатила луѓе „со рачињата во медот“, откако го разреши тогашниот директот на „Водовод и канализација“, Златко Перински, којшто сега е актуелен министер.

Ја контактиравме Арсовска, која ни рече дека била исклучена од сите процеси на одлучување и дека сега за неа тоа е среќна околност, бидејќи во Македонија институциите биле корумпирани и работеле по нарачка.

„Постапките ги водеше директорот со тим, кој беше формиран од членови од неколку институции и истиот тим ги реализираше сите постапки. Постапката во тоа време се вршете крајно нетранспарентно. Ниту јас како градоначалник, ниту Советот на Град Скопје, кој брои 45 членови од сите политички опции, не бевме информирани што се случува, ниту ни беа доставувани извештаи – што е статутарна и законска обврска на претпријатието, што беше и причината зошто ја алармирав јавноста и европските банки, кои го финансираа проектот. Имаше предистражна постапка, која беше покрената од нашите институции, но за текот на истата никој не ме информирал. Имаше и тим на истражители од европските банки“, нѐ информираше поранешната скопска градоначалничка, Данела Арсовска.

Данела Арсовска и Златко Перински - пречистителна станица

Странски истражители во ОЈО ГОКК

Дека таква предистрага се водела ни беше потврдено и во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Лице од Обвинителството, запознаено со случајот, нѐ брифираше дека предмет бил оформен по известување од МВР.

„На почетокот на 2023 година Единицата за финансиски криминал достави известување. Се пристапи кон проверки, кои ги правеше правосудната полиција. Беа обезбедени документи, направени разговори во Општина Гази Баба, Министерство за финансии и повеќе други институции, како Водовод и канализација и Град Скопје. Во врска со предметната постапка беше одржан состанок и овде – во Обвинителството, со  претставници на Европската инвестициска банка, меѓу кои беше и главниот истражител на Дивизијата за истаги. На тој состанок е заклучено дека постапката дотогаш била следена од нивни претставници – се мисли на изборот на фирмите и набавките. Тие извршиле увид во документациите и не пронашле неправилности во однос на законските прописи по кои се спроведувала постапката, од аспект на законодавството за јавни набавки на ЕУ“, вели изворот од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во ова Обвинителство ни беше кажано дека откако се прелистале сите документи и не се нашла забелешка за изборот на фирмите, се донела одлука, така наречена резолуција, дека во моментот нема место за натамошно постапување.

„Нашите одлуки не се пресудена работа. Доколку се појави што било ново – нова индиција, нов доказ, тие во секој момент можат повторно да бидат ревитализирани, сѐ додека не се истечени роковите за застареност. Толку е прелиминарен степенот, да вие овде немате кривично дело. Од анализата и хронолошкиот редослед на случувањата може да се заклучи дека институциите вклучени во таквите активности во дел неодговорно се однесувале, од аспект на домаќинско и ажурно постапување, и покрај неколку укажувања од Министерството за финансии да забрзаат со своите мислења, административни процедури и обврски. Евентуална политичка, морална или материјална одговорност на дел од вклучените институции и нивните раководители за одолговлекување на активностите не е мандат на ова Обвинителство“, велат во ОЈО ГОКК.

Во ова обвинителство велат дека треба да се имаат докази и посериозни индиции, кои би им дале право да продолжат натаму со испитување на случајот. Конкретниот предмет бил известување од МВР и проверките, коишто ги направиле, не им дале право дека имаат основа за понатамошно подигање на тој степен.

Министерството за финансии се обраќало до тоа за животна средина, до Град Скопје и до „Водовод и канализација“ за да ги предупреди дека мора побрзо да одлучуваат и постапуваат, бидејќи се плаќала провизија од 0,5 проценти на годишно ниво на неповлечениот дел од заемот.

„Додека нашите институции се расправаат, ние си плаќаме и по некој пенал и Министерството за финансии, што е за право, нон-стоп предупредувало и укажувало да се забрза, бидејќи веќе очигледно почнуваме да плаќаме. Додека нашите институции си префрлаат одговорност, а секој има некаква ингеренција во даден дел, се случува ова што се случува“, нагласува изворот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Во австриски СТРАБАГ велат дека немаат информации за обиди за корупција, поврзани со фирмата ВТЕ што ја купиле, и дека истото го очекуваат и од деловните партнери, односно во случајов од подизведувачот на градежните работи.

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработник: Сања Петров

Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Матни води“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.

Back to top button
Close