Атина и Софија се позиционираат на мапата на бакарот, Скопје сè уште чека
Регионалната трка за бакар и критични минерали добива нова динамика. Грција веќе развива нови рударски капацитети, а Бугарија најавува сопствени стратешки проекти со кои сака да се позиционира како важен регионален фактор во снабдувањето на Европската Унија со минерални суровини.

Додека Атина и Софија ја препознаваат новата геополитичка и економска вредност на рударството, Македонија сè уште не го активира потенцијалот на Иловица. Проектот, развиван од „Еуромакс Ресоурцес“, според проценките би можел да произведува повеќе од 10.000 тони бакар годишно во текот на две децении.
Во услови на растечка побарувачка за бакар, особено поради енергетската транзиција и електрификацијата, ваквото производство би можело значително да го зголеми македонскиот извоз и да придонесе за подобар трговски биланс.
Во меѓувреме, домашното производство се потпира на „Бучим-Боров Дол“, единствениот активен рударски капацитет за бакар во земјата, со производство до осум илјади тони чист бакар годишно и капацитети кои постепено се исцрпуваат.
Од друга страна, надежите во Бугарија дека ќе се позиционираат како регионален лидер кој ќе ја снабдува ЕУ се зголемија откако канадската компанија „Данди металс“ објави дека се пронајдени големи количества на бакар кај рудникот „Челопеч“. Рудникот е стар околу 60 години, а откритието има потенцијал двојно да го продолжи неговиот век на траење. Деталите за капацитетот од геолошките истражувања би биле познати до крајот на годинава.
„Доколку се докаже наоѓалиштето и се идентификуваат големи резерви, компанијата би можела да го обнови својот интерес за производство на бакар, злато и сребро во Бугарија. Ова би значело дополнителни инвестиции и зголемен капацитет. Нашата држава не треба да држи линија на ресурсен национализам, туку да разбере дека може да игра важна улога во ЕУ како земја што експлоатира основни метали како бакар, злато, сребро на сопствена територија, а исто така има и волфрам и манган“, истакна геолошкиот експерт Бојан Рашев за ТВ Блумберг, прецизирајќи дека земјата никогаш не ископувала волфрам, но наскоро може да започне и такви проекти.
Неодамна и директорот на Бугарската рударско-геолошка комора, Иван Митев ја нагласи потребата Бугарија да дефинира национална листа на стратешки суровини и да изгради долгорочна визија за нивниот развој. Според него, мора јасно да се идентификуваат суровините што се од стратешко значење за националната економија и за функционирањето на клучните индустрии.
„Ако сакаме повисока стапка на економски развој, мора да развиеме свои стратешки суровини и проекти. Секторите поврзани со експлоатација, преработка и употреба на суровини сочинуваат речиси 40% од бруто домашниот производ на земјата. Во исто време, Бугарија увезува околу 3 милиони тони суровини годишно во вредност од 1,5 милијарди евра. Тоа се 1,5 милијарди евра што излегуваат од нашата економија. Рударската индустрија честопати останува погрешно разбрана од општеството, иако е основа на многу други гранки и создава висока додадена вредност. Еден рудар создава трипати поголема додадена вредност од просекот за економијата“, потенцира инженерот Митев.
Во меѓувреме, Европската Комисија започна големи промени во политиките, со цел за се забрза домашниот ископ и преработка на критични суровини, ставајќи ја автономијата во срцето на индустриската конкурентност, зелената транзиција и геополитичката отпорност. Во фокус сега е побрзото издавање дозволи за истражување и експлоатација без да се компромитираат високите еколошки стандарди. Неодамнешните геополитички тензии, прекините во синџирот на снабдување и ограничувањата на извозот предизвикаа голем број ранливости во индустриите за електричните возила, обновливите извори на енергија, полупроводниците, одбраната и воздухопловството. Зелената транзиција бара огромни количини суровини и колку повеќе Европа инвестира во обновлива енергија, батерии и електрични возила, толку е поголема побарувачката за бакар, литиум, никел, кобалт и ретки метали.





