Гоце Наумовски и формално не е повеќе уставен судија, Собранието му ја констатира оставката

Професорот Гоце Наумовски и формално повеќе не е судија на Уставниот суд откако Собранието пред почетокот на денешната седница ја констатираше неотповикливата оставка што тој си ја поднесе по само пет месеци од изборот на функцијата.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието Антонијо Милошоски на денешната 115. седница / Фото: Принтскрин

Оставката ја констатира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, кој го започна 115. пленарно заседание на законодавниот дом, со известување до пратениците за оставката на судијата Наумовски.

Иако според ставот 1 од членот 121 од Деловникот на Собранието, уставниот судија имаше можност да ја образложи оставката пред пратениците, тој не дојде во парламентот.

„Бидејќи сум известен дека судијата на Уставниот суд Гоце Наумовски нема да ја образложи оставката на седницата на Собранието, констатирам дека согласно член 121 став 2 од Деловникот на Собранието, на д-р Гоце Наумовски му престанува функцијата судија на Уставниот суд на Република Македонија“,рече пратеникот и потпретседател на законодавниот дом Антонијо Милошоски.

Наумовски неотповикливата оставка си ја поднесе во четвртокот минатата недела (16 јули), а во неа, како образложение, кусо напиша дека на ваквиот чекор се решил од лични и професионални причини.

Неговата оставка, која инаку за кратко време е втора што од функцијата судија на Уставниот суд ја ја поднесува професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), дојде ненадејно, а за неа не беше известен ниту Судот. Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, за оставката на својот колега дознал од во телефонски разговор со претседателот на Собранието Африм Гаши.

Претходно, во декември минатата година оставка си поднесе професорката на Правниот факултет при УКИМ, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која за уставна судијка беше избрана две години претходно, односно во декември 2023 година. Таа наведе дека од функцијата се повлекува поради здравствени и лични причини.

На нејзино место во февруари оваа година беше избран нејзиниот колега од Правен, Гоце Наумовски, како предлог на владејачкото мнозинство. Инаку, пред да биде избран за уставен судија тој беше еден од надворешните соработници на премиерот Христијан Мицкоски од областа на правото. Д-р Гоце Наумовски е брат на ексвицепрeмиерот за евроинтеграции во една од претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, Васко Наумовски.

„360 степени“ во петокот (17 јули) упати прашање до професорот Гоце Наумовски, дали може да сподели повеќе информации поради какви професионални причини решил да си поднесе оставка, но не добивме одговор.

Проф. д-р Гоце Наумовски, кој си поднесе оставка од функцијата уставен судија / Фото: Веб-страница на Уставниот суд на РС Македонија

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, пак, ни одговори дека не разговарал со Наумовски околу причините за неговата одлука, додека за причините за оставката на Дабовиќ-Анастасовска ни одговори дека му се добро познати и според него оправдани. Ова, воедно, беше неговиот одговор за повлекувањето на двајца професори од Правен од Уставниот суд, за краток период.

„Причините за оставката на судијата Гоце не ми се познати и затоа не можам да коментирам, освен дека оставката претставува акт од лична природа“,ни рече Костадиновски.

Back to top button
Close