Просечната возраст на заразените со Ковид-19 во Грција е 39 години
Ширењето на коронавирусот меѓу младите продолжува да предизвикува особена загриженост и поради зголемениот број случаи на возраст под 40 години и поради тешките случаи и приклучувањата на апарати кај релативно млади групи граѓани, а просечната возраст на заразените е 39 години, пишува во седмичниот извештај за Ковид-19 од Министерството за здравство на Грција, за периодот од 27 август до 2 септември.
Согласно објавените податоци во извештајот, се забележува мало зголемување на дневниот број случаи што во просек достигнуваат до 220, наспроти 216 во претходните седум дена.
А зголемување има и во однос на просечниот број смртни случаи (четири во изминатата седмица) и хоспитализирани граѓани на интензивна нега (во просек 38 лица, од 31 претходната седмица).
Процената е дека епидемиолошкиот индекс Рт е под нула, односно 0,72.
Големиот број на случаи, како што пишува во извештајот, и понатаму е поради опуштеноста и непочитувањето на мерките, додека пак во голема мерка се однесуваат на млади лица, асимптоматски или лица со благи симптоми.
Во однос на тестовите, во конкретниот временски период биле направени во просек 13.400 тестирања, а голем дел од нив е на влезните точки во земјата.
Од позитивните случаи 10-12 отсто се увезени, односно кај туристи, а во внатрешноста на земјата најголемиот дел се концентрирани во областа Атика, поширокиот регион на Атина.