Ветрот што вчера го погоди Скопје е во категорија ураган, достигнал брзина од 130 километри на час
Најсилниот ветер вчера во земјава е евидентиран од страна на автоматската метеоролошка станица во Штип – регистриран е оркан со максимален удар на ветер од 134 километри на час

Силниот ветер што вчера попладне го зафати Скопје во одреден момент достигнал брзина од 130 километри на час, што според јачината, се класифицира како оркански ветер или ураган. Ваквата информација денеска ја објави Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) повикувајќи се на податоците регистрирани од автоматската метеоролошка станица Скопје.
„Во Скопската Котлина, на автоматската метеоролошка станица Скопје, во 16:10 часот е регистриран оркан со максимален удар од 130 километри на час со правец север-северозапад“,објави Управата.
Ветер со истата јачина од 130 километри на час е регистриран и на автоматската метеоролошка станица Ново Село во Струмица, во 17:50 часот, со правец северозапад. Најсилниот ветер вчера попладне во 17 часот е евидентиран од страна на автоматската метеоролошка станица во Штип – регистриран е оркан со максимален удар на ветер од 134 километри на час со правец запад-северозапад.
„Управата за хидрометеоролошки работи, врз основа на податоците од Националната мрежа на автоматски метеоролошки станици, на 21 јули 2026 година регистрира исклучително високи вредности на удари на ветер, приближни до историските рекордни вредности. Со ова се потврдува дека на повеќе локации во државата беа регистрирани оркански удари на ветер, што претставува редок и разорувачки метеоролошки настан“велат од УХМР.
Според класификацијата за јачина на ветер, појаснуваат од УХМР, оркан односно ураган е ветер чија брзина надминува 118 километри на час, односно претставува екстремно силен ветер кој на оваа територија се случува многу ретко и предизвикува значајни штети во пошироки размери.
Разорното невреме што вчера попладне го зафати Скопје, но и други градови во земјава, предизвика значителна материјална штета. Пријавени се оштетувања на автомобили, покриви на станбени и јавни објекти, како и голем број паднати дрвја и оштетени семафори. Во невремето има и повредени граѓани






