„Политико“: Брисел подготвува нови правила за идното проширување на ЕУ

Европската Унија подготвува измени во правилата за проширување поради се посилниот страв дека забрзаниот прием на нови членки може да доведе до парализа на носењето клучни одлуки во блокот, објави весникот „Политико“, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.

Иако сите земји членки јавно ја поддржуваат политиката на проширување, во клучните престолнини, меѓу кои се Франција, Германија и Холандија, постои изразен отпор кон идејата процесот значително да се забрза. Во центарот на загриженоста е можноста политичките промени во некоја од идните членки по нејзиното влегување во Унијата да доведат до блокирање на стратешки важни одлуки, особено во надворешната политика, буџетот и други прашања каде што се бара консензус.

– Постои причина зошто процесот на проширување трае со децении. Се плашиме дека ќе пуштиме „тројански коњ“ – изјави за „Политико“ дипломат од земја која е скептична кон забрзаното проширување.

Според информациите на медиумот, Европската комисија веќе работи на можни измени на правилата за идните членки. Целта е да им се дадат гаранции на сегашните земји членки дека новиот бран на проширување нема да го парализира процесот на одлучување или дополнително да ја усложни распределбата на средствата од заедничкиот европски буџет.

Ова прашање ќе биде централна тема на стратешката расправа што европските лидери треба да ја водат на состанокот на Европскиот совет на 15 и 16 октомври. Советот уште во јуни најави дека на октомвриската сесија посебно ќе ја разгледува поврзаноста меѓу идното проширување и неопходната внатрешна реформа на самата ЕУ.

Потребата од дебата се засили по забрзувањето на пристапните процеси за Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан. Украина на 15 јуни годинава го отвори првиот преговарачки кластер што опфаќа фундаментални области како правосудство, основни права и финансиска контрола. Сепак, експертите потсетуваат дека самото отворање кластери не гарантира членство ниту утврдува рокови.

Историските примери покажуваат колку долг може да биде овој пат. Црна Гора преговара од 2012 година и, иако ги има отворено сите 33 поглавја, 2028 година се споменува само како „можен“ рок за пристапување, под услов да се исполнат сите обврски. Уште поилустративен е примерот со Турција, која статус на кандидат доби во 1999 година, преговорите ги почна во 2005-та, но по 21 година процесот е во застој и практично блокиран од 2018 година.

Овие примери ја интензивираат дебатата меѓу оние што проширувањето го гледаат како геополитички приоритет и оние што предупредуваат дека приемот на нови држави без претходна институционална реформа на Унијата би можел да го отежне функционирањето на европскиот блок.

Токму затоа октомврискиот самит би можел да биде една од поважните точки во натамошното обликување на политиката на проширување, не само во однос на тоа која земја и кога ќе стане нова членка, туку и под кои услови идните членки ќе влегуваат во Европската Унија. посочува „Политико“.

Back to top button
Close