Заканите кон новинарите се претвораат во чудовиште
Во 1950-те години имаше еден хорор филм „Суштеството од Црната лагуна“ (Creature from the Black Lagoon) кој во наредните две децении беше стандардот според кој се мереше стравот во кино-салите. Беа направени неколку секвели за хуманоидното чудовиште од Амазон. Она што се случува сега во Македонија (а и што се случуваше пред 12-13 години) со оние што мислат поинаку од структурите коишто се блиски или се дел од маргините на владејачките структури ја претвораат нашата држава во мочуришна црна лагуна а од нејзините мрачни води се појавува „чудовиште“ создадено од илјадници „пиксели“ кое навредува, потценува, омаловажува, се заканува, па дури и со посегнување по животот на инакумислечките.

Заканите по живот за нашиот колега и еден од сопствениците на „Независен“, Ерол Ризаов, го вратија филмот и сеќавањата од 2013-14 година кога познати пропагандисти ставаа имиња и слики на луѓе со мети на нив и се бараше нивен отстрел. „За доброто на нацијата“. Ерол Ризаов и тогаш беше на списокот за отстрел. На повеќемина познати слободномислечки новинари и коментатори им беа палени автомобилите, други беа цел на немилосрдни закани.
Со новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со универзитетскиот професор „патриотскиот речник“ на патриотската партија беше омекнат, како да беше најавено ново, потолерантно време на македонските националисти. Тоа траеше до десетина месеци по освојувањето на власта пред две години. Речникот со омаловажувањата, навредите и заканите се вратија на сцената. Тие никогаш не доаѓаат сами, поттикот доаѓа од секојдневните прес-конфренции на ВМРО-ДПМНЕ, а и од премиерот Христијан Мицкоски. Неговиот говор за 2 Август во Пелинце беше полн со оценки за предавства, талог, омраза, цинизам… насочени кон оние што не мислат како него и неговата партија. Него го загрижувало тоа што „лидерите на опозицијата, наместо натпревар со идеи, концепти и предлози, создаваат блато составено од многу нихилизам, омраза, ширење епидемија од дефетизам… Не паѓајте во замката на талогот кој тие го создаваат“.
Ерол Ризаов во колумната во „Независен“ – „Додека умира надежта за поубаво утре“ – (споделена и на неговиот личен Фејсбук профил) го анализираше говорот според сите новинарски стандарди и поради таа анализа почна цунамито од закани. Еве само две: „Дали ќе се најде јунак на ова ѓубре подсекушка како ќосето со камата да расчисти“; „Нема ли кој да го реши Ерол на експресен начин“.
Во време кога партиите секојдневно безмилосно бомбардираат со соопштенија во кои користат уличарски и непримерен речник полн со омраза, омаловажување, навреди кон неистомислениците, или кога владини функционери, пратеници и активисти буквално го трујат јавниот простор со секакви квалификации, тогаш не е чудно што атмосферата на омразата се префрла онаму каде што теренот и онака е најзапаллив – во социјалните медиуми. Симбиозата која е инспирирана од однесувањето на политичарите лесно може да ја премине опасната граница и од виртуелниот простор да се прелее во реалниот живот, кога од зборови некој ќе премине на дела, со несогледливи последици.
Ризаов не е вчерашен „надобуден“ новинар. Во професијата е од 1977 година во „Нова македонија“. Долгодишната кариера таму ја заврши во 1999 година како одговорен уредник. Тој е еден од петтемина основачи на „Утрински весник“. Во „Утрински“ беше и директор и главен и одговорен уредник. ЗНМ му ја додели наградата за живорно дело, а и „Крсте Мисирков“. Добитник е и на наградата „Жан Моне“ на Делегацијата на ЕУ, како и на највисоката државна награда за новинарство и публицистика „Мито Хаџи Василев-Јасмин“.
Тоа е она што им пречи на „чудовиштата“ од македонската лагуна. Слободната мисла. На новинарите не им е потребна никаква асистенција кога треба да дебатираат со аргументи за изнесените ставови во нивните, анализи, коментари или колумни. Но, кога на аргументите изнесени во колумната (а кои очигледно, не се по мера на власта и на нејзините поддржувачи) и кога на таквите ставови нема издржани контрааргументи, тогаш остануваат заканите. Дури и по неговиот живот.
Затоа и прашањето, кој треба да ги (за)штити новинарите од таквите закани, без оглед што тие се во интернет просторот, или најчесто искажани од лажни профили.
Заканите кон Ризаов наидоа на силна осуда од еснафски здруженија и институции (ЗНМ; АВМУ), и од политички партии (СДСМ, ЛДП; Партијата на Турците). Засега, такво нешто нема од владејачките партии, но позагрижувачко – ниту од надлежните институции, МВР и Обвинителството, на пример, кои имаат инструменти и механизми да откријат кој стои зад заканите и колку се тие реални, и ако треба да ги процесуираат. Со законските измени новинарите имаат посебна законска заштита. Ќе видиме на овој случај дали е навистина така.
Некои велат дека новинарството е совест на општеството, но журналистите ја немаат заштитата како политичарите. Можеби и затоа инцидентот во Ташмаруништа, во кој премиерот Христијан Мицкоски доби навреди од, како што беше објавено, пијан 52 годишен граѓанин на Струга, доби експресна реакција – лишување од слобода и поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „насилство“.
Какво е делото против Ризаов, а и другите истакнати новинари кои мислат и пишуваат поинаку од владиниот образец на пропагандата? Колку ќе им треба на надлежните да ги истражат овие закани и да откријат кои лица стојат зад профилите од кои се блијат закани?
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) упати ургенција до МВР, со барање случајот да биде детално проверен. Не само коментарите во кои се упатуваат закани, туку и етничките навреди кон Ризаов. Но, ако ЗНМ остане само на ова соопштение и дополнително не ги притисне полицијата и обвинителството, таа нивна реакција ќе остане до следната закана и навреда. Неговите реакции тогаш ќе бидат само за папка за архивирање. Реакцијата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беше поостра и во неа се укажа на сериозноста на содржината на заканите.
Работата не е добра во Македонија. Транспартентноста на владата, министерствата и другите институции е сведена на најниско ниво. Но, нападите ако ја критикуваш владината работа (или на премиерот) се на највисоко ниво. Во дел од медиумите има сега посебна насока во журнализмот – за многу нешта што не чинат во земјава во последниве две години да се критикува опозицијата. Тоа изгледа е дел од некоја поширока програма-проект: многу е важно за успесите да се зборува за суперлативи на кои им нема крај, а ако некој критикува тоа да го прави со езоповски речник. Доколку тоа биде поинаку ќе стигнат заканите.
Во крајна линија, отсуството на реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на премиерот или некои други од врвниот владин и партиски ешалон ги расчистува работите: оваа владејачка гарнитура ги премолчува заканите кон новинарите кои мислат слободно. Тоа ги става на другиот брег во општеството кое сака слободна мисла. Тие таму, на тој брег, како да логоруваат во војнички табор. Ќе видиме во кој логорски табор се полицијата и обвинителството? Затоа што ако ова не се спречи оние што се закануваат ќе бидат послободни – ќе дојдат на удар за „решавање“ и други новинари и јавни личности. Тогаш реакцијата на надлежните може да биде не само задоцнета туку и безпредметна. (Nezavisen.mk)
Љупчо Поповски






