Западнонилската треска се шири во Скопје: еден починат, пет пациенти се на механичка вентилација

Во повеќе скопски населби и општини е прогласена епидемија на западнонилска треска, откако од почетокот на годината се потврдени 24 случаи на заболување. Регистрирани се и два сомнителни случаи, а здравствените власти информираат и за еден смртен исход.

 

Епидемијата го опфаќа подрачјето на Кисела Вода, односно реонот на Пржино, како и Аеродром, Бутел, Гази Баба, Илинден, Драчево, Идризово, Јурумлери и Трубарево.

 

Од 24-те потврдени случаи, 20 пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Петмина од нив се во тешка, односно критична состојба и се приклучени на механичка вентилација.

 

— реклама —

 

Најголем дел од заболени се повозрасни мажи, главно над 60 години. Според информациите од здравствените власти, дел од нив биле изложени на комарци при земјоделски и градинарски активности во приквечерните и раните утрински часови.

Викендов починал 83-годишен пациент кај кого била потврдена западнонилска треска. Тој имал и повеќе придружни заболувања, што дополнително го зголемило ризикот од тешка клиничка слика.

Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје – Скопје ја прогласија епидемијата по зголемениот број регистрирани случаи.

Податоците за изминатите 15 години покажуваат дека во Македонија досега се регистрирани вкупно пет смртни случаи поврзани со западнонилска треска.

Back to top button
Close