Мециновиќ: Владата бара работникот да докаже дека е доволно продуктивен, доволно вреден и на крајот – доволно евтин

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, во гостувањето на Алсат ТВ ја критикуваше економската политика на Владата, посочувајќи дека зад мерките за минималната плата, работното време, боледувањето и односот кон работничките права стои една иста логика – товарот постојано се префрла врз работникот, се наведува во соопштението од ПП Левица.

„Цело време, оваа Влада, нејзината економска политика е сведена да бара нешто од најобичниот човек. Се бара од него да докаже дека е доволно болен. Да докаже дека е доволно продуктивен за да има поголема плата. Да докаже дека е доволно вреден и, на крајот, тоа што ја интересира Владата е да докаже дека е доволно евтин.“

Мециновиќ посочи дека аргументот за недоволната продуктивност на работниците, кој го користат и Владата и Стопанската комора, намерно ја занемарува одговорноста на работодавачите за условите во кои се создава продуктивноста.

„Продуктивноста не е морална особина на работникот, туку цел систем кој треба да се одржува. Таа може да се мери со технологијата, со менаџментот, со организацијата на работните места и со условите за работа. Министерот за економија одбива да зборува за тоа што од работните услови обезбедуваат приватниот капитал и Стопанската комора.“

Тој посочи дека македонскиот работник веќе работи во услови на несигурност, преку договори на определено време, хонорарна работа и неформална економија, додека истовремено се бара од него да работи уште повеќе.„Македонскиот работник со години ротира меѓу договори на определено време, хонорари, кеш-плаќање, нема пензиска перспектива, нема социјална перспектива, не е кредитоспособен во голем дел од случаите. И сето тоа е еден систем на експлоатација кој ги максимизира профитите за фирмите и за Стопанската комора која одбива да ги подобри условите.“

Мециновиќ нагласи дека токму затоа Левица предлага скратување на работниот ден од осум на шест часа, посочувајќи дека искуствата од државите кои вовеле пократко работно време покажуваат дека продуктивноста може да се зголеми, наместо работникот постојано да се товари со дополнителни работни часови.

„Намалувањето на работниот ден за македонските работници е возможно, затоа што тие се веќе доволно продуктивни. Истражувањата од државите кои имплементирале пократка работна недела покажуваат дека продуктивноста, за која толку гласно зборуваат Дурмиши и Стопанската комора, во тој случај се зголемува.“

Левица, паралелно со предлогот за шестчасовен работен ден, поднесе и закон со кој седумте дена боледување што може да ги одобри матичниот лекар ќе бидат загарантирани со закон, наместо ова право да се ограничува со подзаконски акти. Мециновиќ посочи дека синдикалната кошничка изнесува околу 69.000 денари, додека просечната плата е околу 48.000 денари, што дополнително го покажува јазот меѓу реалните трошоци за живот и примањата на работниците.

„Ако ги земеме сите овие мерки одеднаш – тоа што го кратат боледувањето, тоа што не ја зголемуваат минималната плата, тоа што Стопанската комора бара сè побезобразни барања – очекувајте од оваа Влада дека ќе проба да ни го зголеми работниот век во координација со Стопанската комора. Во еден момент мора да се застане цврсто и да се покаже дека тоа не може да помине.“

Back to top button
Close