Како чадот од шумски пожар „влијае на целото тело“
Истражувачите почнуваат да го разбираат долгорочното влијание на изложеноста на чад од шумски пожари врз здравјето на луѓето. И тоа влијание не е добро.

„Целото ваше тело е погодено“, вели Јанг Лиу, професор по здравје на животната средина на Универзитетот Емори во Атланта. „Чадот од шумските пожари предизвикува оксидативен стрес во организмот и го влошува или забрзува развојот на болестите.“
Во студија објавена во јануари 2026 година, Јанг Лиу и други истражувачи открија дека повторувачка изложеност дури и на умерени количини чад го зголемува ризикот од мозочен удар кај постарите лица.
Еден месец подоцна, друга студија покажа дека долгорочната изложеност на чад од шумски пожари придонела за просечно 24.100 смртни случаи годишно во Соединетите Американски Држави во периодот од 2006 до 2020 година.
Чадот од шумски пожари содржи мешавина од опасни загадувачи на воздухот. Но, една од најагресивните компоненти се чини дека се ситните честички, познати како ПM2.5.
ПM2.5 се состои од саѓи, прашина и други материи кои дејствуваат како сунѓери, врзувајќи токсични метали и органски соединенија за себе.
Доколку се вдишат, честичките ПM2.5 можат да навлезат во белите дробови и крвотокот, од каде што предизвикуваат воспаленија и оштетувања на различни органи во телото.
Долгорочната изложеност на ПM2.5 е поврзана со белодробни заболувања како астма, но и со срцеви заболувања, дијабетес,деменција и рак.
Чадот од шумски пожари е особено опасен за бремените жени. Тој може да го зголеми ризикот од предвремено породување и ниска родилна тежина на новороденчињата.
Што ги прави ПM2.5 во чадот од шумските пожари толку токсични?
ПM2.5 честичките од шумските пожари се особено токсични поради сложените мешавини на запалени материјали присутни на секоја локација, кои можат да се разликуваат меѓу руралните пожари и оние што се шират во урбани средини.
„Навистина зависи од местото на пожарот. Може да варира дури и од улица до улица, бидејќи чадот може да содржи различни компоненти“, нагласува Мери Џонсон, водечки истражувач во Одделот за здравје на животната средина при Харвардската школа за јавно здравје „Т. Х. Чан“.
Џонсон предводеше меѓународен тим кој ги проучуваше токсичните материи во чадот од шумски пожари кај група здрави пожарникари и цивили кои неодамна биле изложени на таков чад. Целта беше да се разбере како овие токсини ја нарушуваат функцијата на имунолошките клетки и ја зголемуваат подложноста на организмот на инфекции и хронични заболувања.
Истражувачите пронајдоа жива и кадмиум, два тешки метали кои природно се наоѓаат во растенијата и почвата, но и во материјали создадени од човекот. Тие открија и канцерогени соединенија, како и таканаречени „вечни хемикалии“, познати како ПФАС.
ПФАС се синтетички хемикалии што се користат во многу секојдневни производи и градежни материјали. Тие се поврзуваат со различни видови рак и метаболички нарушувања.
Нивните наоди ги наведоа да предложат идните истражувања да се насочат кон развој на третмани за ранливи групи како децата, постарите лица и луѓето со хронични здравствени состојби.
Чадот од шумските пожари станува поопасен како што старее, бидејќи поминува низ хемиски реакции што ја зголемуваат неговата способност да ги оштетува клетките.
Истражувачи во Грција открија дека чадот може да стане до четири пати потоксичен во деновите по пожарот. Тој исто така може брзо да патува на големи растојанија и да се прошири во области илјадници километри оддалечени од изворот на пожарот.
„Ако нема дожд што ќе ги измие овие честички, тие можат да останат во атмосферата десет дена, а понекогаш и подолго. Во тој период можат да обиколат цела хемисфера и да се вратат на почетната точка“, изјави Николаос Михалопулос, директор на Институтот за истражување на животната средина и одржлив развој при Националната опсерваторија во Атина.
За време на канадските шумски пожари во 2023 година, на пример, 6.000 пожари зафатија 15 милиони хектари земјиште, предизвикувајќи „долгопреносно загадување со ПM2.5“ што се прошири низ Северна Америка и стигна дури до Европа и Азија.
Во труд објавен во септември 2025 година, истражувачите проценија дека околу 5.400 акутни смртни случаи во Северна Америка и околу 64.300 хронични смртни случаи во Северна Америка и Европа може да се поврзат со изложеноста на ПM2.5 од канадските пожари во 2023 година.
Сепак, вреди да се напомене дека другите извори на загадување на воздухот, како издувните гасови од сообраќајот, индустриските емисии и согорувањето гориво за готвење, сè уште предизвикуваат повеќе здравствени проблеми во целина, бидејќи луѓето се изложени на нив секојдневно.
„Кога гледаме што навистина ја поттикнува смртноста кај населението во целина, тоа сè уште се сите овие други извори на загадување на воздухот кои се одговорни за толку многу смртни случаи“, вели Кетрин Тон, епидемиолог за животна средина во Барселонскиот институт за глобално здравје.(dw)






