Koн „Адна“ … или Како траумата „стишува“ во јазик и свет кој некогаш го делат само двајца
Лени Фрчкоска
Обидите на некои издавачки куќи, преку својот избор на книги за млади преведени на македонски јазик, да делуваат еманципаторски во култура која кон таа генерација се уште се однесува патронизирачки и со некаква чудна резерва, заслужува благодарност и секоја поддршка.
Антолог, Илика…
Па и Три, Бункер и Литература, но со малку помал фокус конкретно на книжевност за млади
И повторно Чудна шума. Која неодамна го објави графичкиот роман „Адна“ од Самира Кентриќ, во превод на Дарко Спасов.

Приказна за Адна, која е (не)соочена со сеќавањето на своето бегалско минато. Парализирана или пак индиферентно комфорна во неможноста да ја сподели траумата, „кршењето на ѕидовите“ односно создавањето блиски односи и пријателства станува невозможно, па простор на топлина и го пронаоѓа во кратките интимни средби.
Бидејќи телата не прашуваат. Барем не веднаш. Ниту судат, туку „зборуваат“ емотивен јазик кој нема потреба од логиката на социјално именуваното и препознаено, рационалното, репетитивното и каузалното.

Не размислувам за иднината, а уште помалку за она што поминало. Никогаш не помислувам на нашата татковина, не следам што се случува таму. Јас сум овде и сега. Се предавам, се здружувам со тела. Ги истражувам границите на моето угодување. Телата набргу почнуваат да поставуваат прашања, а мене не ми е до одговори (Кентриќ, 2024: 17).
„Слободата е само втор збор дека немаш ништо за губење. Ништо или никого? Никого. Никого не смееш да сакаш толку многу за да не можеш без него. За тоа ми зборуваше, нели, Хасима?“
Приказната на Адна ја склопуваме на крајот, ретпроспективно, низ вклопување на текстуалните секвенци и илустрациите, кои го отсликуваат неизреченето, кое станува вон текстот, односно од другата страна на зборовите.
Тука Кентриќ покажува знаење за ја поврзе конкретната траума, таа на Адна, со теориските читања кои се занимаваат со траумата во литературата. Траумата, како што забележале многу теоретичари, води до неуспешни наративи, празнини во свеста, лизгања во епистемологијата. Трауматската историја има проблем да каже што ги предизвикува тие празнини, неуспеси и лизгања, иако тие можеби може да се реконструираат ретроспективно.


И токму така и се открива приказната на Адна. На крајот.
Траумата на војната и смртта на саканите претставува контекст на создавање на личност во постојано сведочење на насилство. Растење каде насилството не е инцидент туку јазик и перспектива низ која подоцна му се пристапува на Другиот. Во грч, можеби во претпоставено насилство или во спремност за реактивно.
Бегството и неможноста да се надрасне чувството на неприлагоденост и различност пак создаваат жена која реактивно го отфрла системот кој чувствува дека претходно ја отфрлил нејзе. Оттаму слободата ја наоѓа во искуства кои сами по себе претставуваат негово преиспитување:
“Искажаа милост, го препознаа сочовекот. Ни понудија училиште, сместување и вработување. Но, само онаму каде што имаше место. А место имаше по краевите, каде што се собира нечистотијата.”
„Не ветувам верност. Не сонувам бел фустан по мерка. Ги уривам очекувањата на оние што веруваат дека со нив ќе останам додека тие сакаат… Но, тој ме прифати ранета, токму таква каква што сум. Ништо не праша. Телото му гореше и ме грееше како никогаш досега. Заспав. Првпат заспав кај љубовник“ (Кентриќ, 2024: 78).
Визуелното претставува посебна наративна линија и отвора прашања на кои и самата авторка некако дискретно избегна да одговори на самата промоција. Конечно и затоа што визуелното зборува на јазик кој не секогаш може да се артикулира рационално и да се адаптира за публиката кој седи пред вас. За тоа постои самата книга. За да отвори прашање, а не да го сведе на еден одговор. Како на пример за тоа како континуираното насилство и чувство на осменост созаваат реактивно насилство, или некакви кратки насилни инциденти.

И конечно, најважното – романот завржува надежно. Со ослободување од грчот на постојаното репетитивно бегство од блискоста. Со чувство дека блискоста со Другиот е сепак возможна, во некаков јазик и свет кој некогаш го разменуваат само двајца.






