ОЈО ГОКК го затвори предметот за набавките за изградба на 19 модуларни болници

Обвинителката Верица Бержецка на брифинг со новинарите денеска кажа дека не постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања при јавните набавки, пренесе 360 степени.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го затвори предметот за јавни набавки за градењето на 19 модуларни болници во државата.

Предметот беше отворен на 10 септември 2021 г. по допрен глас, откако се случи трагичниот настан во ковид-центарот во Тетово. Тогаш Обвинителството посочи дека ќе ја провери документацијата за набавката и изградбата на сите болници.

.Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.

Роднините на загинатите бараат одговорност и од поранешниот министер за здравство, Венко Филипче и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, сопственик на „Брако“

„Обвинителството не утврди факти од кои би произлегло дека во постапките за набавка службено лице ја искористило или пречекорило службената положба или овластување, односно не ја извршило службената должност, со цел да прибави значителна имотна корист или да нанесе значителна штета“, велат од Обвинителството

Светска банка потврдила дека постапката била во согласност со нејзините правила и дека испорачаната стока одговарала на техничките спецификации

Обвинителството оценило дека не постојат основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, ниту за друго кривично дело кое се гони по службена должност, во врска со јавните набавки за изградбата.

„Нема дејствија на пречекорување, ниту неизвршување на службени дејствија, ниту е оштетен буџетот“,

рече на денешниот брифинг предметната обвинителка Верица Бержецка.

Набавките се однесувале на монтажни контејнери кај Клиниката за инфективни болести во Скопје, немедицинска опрема за Регионалниот ковид-центар, формирање монтажно-модуларен амбулантско-поликлинички оддел за потребите на Клиниката за пулмологија и алергологија, како и модуларни болници во други градови ширум државата.

Модуларните болници биле набавени преку Проектот за итно справување со ковид-19, со заем од Светска банка. Постапката била спроведена како меѓународна конкурентна набавка, согласно правилата и процедурите на Светска банка, а Бирото за јавни набавки потврдило дека во ваков случај не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки.

Дополнително, со измените на Законот за градење од 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за вршење здравствена дејност биле опфатени во категоријата градби за кои не е потребно одобрение за градење.

ОЈО ГОКК посочува дека е анализирана и документацијата за активностите на Светска банка по пожарот во тетовската модуларна болница на 8 септември 2021 година,

„Во октомври 2021 година биле посетени објектите во Гостивар, Струга, Прилеп, Велес и Штип, при што била проверувана усогласеноста со проектните стандарди, безбедноста и противпожарната заштита. Според документацијата, тимот на Светска банка потврдил дека постапката за набавка била во согласност со важечките правила на Банката и дека испорачаната стока одговарала на техничките спецификации“,велат оттаму.

Оттука, Обвинителството оценило дека нема елементи за да постапува.

Back to top button
Close