Кога обвинителството постапува над законот, неправдата станува државна трагедија
Tрифун Костовски
Чувството дека живееме во држава во која институциите, задолжени да го спроведуваат законот ги прекршуваат неговите основни начела, ме наведува на заклучокот дека нештата мора драстично да се променат. Тоа е неопходно доколку сакаме да опстоиме како држава и народ крај на сопствените огништа.

Кога институцијата, задолжена да го штити законот, постапува спротивно од него, неправдата не е само личен проблем. Станува колективно зло и државна трагедија.
ОЈО ГОКК, како обвинителство со посебни надлежности, според моето искуство и документите поврзани со мојот случај, ги прекрши основните законски начела во своето постапување, како и при покренувањето обвинителни акти пред Кривичниот суд.
На 7 јули 2026 година јавната обвинителка Коларевиќ од ОЈО ГОКК преку соопштение објави дека се покренува судска постапка против вкупно четири лица и тоа, обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против едно лице. Постапката се однесува на стечајот на Еуростандард банка.
Во текот на животот, и во земјава и надвор од неа, никогаш претходно не сум бил учесник во судска постапка. Поради тоа, сè до случајот со Еуростандард банка немав причина непосредно да ја анализирам работата на правосудните органи. Голготата низ која минувам поради стечајот на банката веќе влегува во седмата година. За сето ова време се создава впечаток дека ОЈО ГОКК и обвинителката Коларевиќ се недопирливи и дека никој не бара одговорност за постапките што, според мене, се спротивни на законот. Своите тврдења ќе ги образложам со конкретни факти.
Согласно законските рокови за кривично гонење, обвинителството требаше да ја заврши истрагата во период од најмногу 18 до 21 месец. Во мојот случај истрагата траеше цели 66 месеци. Тоа се 66 месеци со замрзнат имот, без право слободно да го отуѓам или да стопанисувам со него. Истрага што трае 66 месеци, со замрзнат имот и ограничени права, не е само постапка. Самата станува казна пред да постои судска пресуда.
Незаконитоста на ваквото одолжување, според моето толкување, е потврдена и со наредбата за запирање на истражната постапка, донесена токму од ОЈО ГОКК и објавена на 5 јуни 2026 година. Во неа се наведува дека нема докази за перење пари и криминал. Со донесувањето наредба за запирање на истрагата престануваат и основите предметот да остане во надлежност на специјализираното обвинителство. Доколку постои основа за друга постапка, тогаш предметот треба да биде префрлен во надлежното основно јавно обвинителство. Наместо тоа, ОЈО ГОКК презеде потег што е тешко разбирлив и за кој јавноста заслужува јасно правно образложение. На 5 јуни 2026 година истото обвинителство ја запре истрагата со образложение дека нема докази за перење пари и криминал. Само еден месец подоцна, тоа обвинителство си зеде право да поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против четвртото лице. Не може во еден акт да се тврди дека нема докази за перење пари и криминал, а само еден месец подоцна истата институција да покрене обвинение без јасно и уверливо објаснување. Овој чин покажува колку е заталкан правосудниот систем во нашата држава. Ние, граѓаните, ја бараме правдата во тој систем, а притоа се соочуваме со институции што, според документите и нивните сопствени одлуки, постапуваат спротивно на законите што треба да ги применуваат. Правосудна институција што бара одговорност од граѓаните мора прва да покаже дека постапува законски, доследно и транспарентно. Ваквите постапки создаваат оправдано сомневање дека организираниот криминал и корупцијата се вгнездени токму во делови од правосудниот систем, токму таму каде што треба да бидат откривани, гонети и санкционирани.
Обвинителката Коларевиќ и нејзините претпоставени мора сериозно и јавно да објаснат врз која правна основа специјализираното обвинителство за гонење организиран криминал, корупција и перење пари постапува со материјал што, по запирањето на истрагата, треба да биде надвор од неговите надлежности.
Го поставувам најосновното прашање: кој е нарачателот на ваквата институционална заблуда што беше пласирана во јавноста?
Не ја обвинувам јавноста, но сакам јавноста да ја знае вистината. Како е можно цела институција, која има посебна улога и тежина во борбата против организираниот криминал, корупцијата и перењето пари, да биде заробена од поединци или групи од интерес?
Доколку во ова обвинителство постојат професионална совест и институционален интегритет, тогаш неговите обвинители мора да испитаат дали зад ваквото постапување стојат нарачатели, притисоци или лица што ја злоупотребуваат институцијата. Јавноста има право да знае кој, зошто и врз основа на кои докази донесува одлуки што уништуваат човечки животи, углед и имот.
Отворено прашувам: зошто јавноста молчи?
Јас не сум единствениот човек во земјава што го почувствувал камшикот на неправдата. Токму затоа ова не е само моја лична битка. Ова е прашање што го засега секој граѓанин кој утре може да се најде пред институција што располага со огромна моќ, а не чувствува обврска да ја објасни и оправда нејзината употреба.
Почитувани читатели,
Македонија декларативно сака да стане членка на Европската Унија. Истовремено, во годишните извештаи на европските институции постојано се посочуваат проблемите со криминалот, корупцијата и владеењето на правото. Европската Унија укажува дека една од главните причини за нашето стагнирање е токму состојбата во правосудниот систем. Потребни ни се длабински реформи. Но, вистинскиот проблем не се само законите. Проблемот се поединците што добиваат високи и одговорни функции не според својата стручност, квалитет и интегритет, туку најчесто според партиската припадност, личната лојалност и желбата на криминалните центри на моќ. Реформата на правосудството нема да успее само со нови закони; потребни се чесни, стручни и независни луѓе што ќе ги применуваат. Убеден сум дека во нашиот правосуден систем има висококвалитетни, искусни и чесни правници. За жал, живееме во општество во кое чесноста на поединецот често се игнорира, а лојалноста се наградува. Држава во која се наградува лојалноста, а се игнорира чесноста, не може да изгради независно правосудство.
Ќе завршам со еден навидум шеговит предлог.
Нашата држава, и по територија и по бројот на жители, е мала, па нејзиното приклучување кон Европската Унија не би претставувало голем товар за Унијата. Затоа предлагам ЕУ да нè прими со декрет, но под услов правосудниот систем и другите клучни институции извесен период да бидат под непосреден европски надзор и контрола. Можеби оваа идеја звучи смешно или радикално. Сепак, таа во себе содржи сериозна порака, не само за Македонија туку и за другите балкански држави.
Европската Унија треба да пронајде порационален и поефикасен пристап за интеграција на целиот Балкан. Со непосреден и суштински надзор врз клучните институции драстично би можеле да се намалат криминалот и корупцијата, кои денес се присутни низ целиот регион.
Без независни институции и еднаков закон за сите, членството во Европската Унија ќе остане декларативна желба, а не реална перспектива. Намалувањето на криминалот и корупцијата би значело просперитет за целиот Балкан. Убеден сум дека само така еден ден ќе можеме да бидеме рамноправни со другите европски народи, не само формално, туку и според квалитетот, сигурноста и стандардот на живеење.
Но првин, да си го средиме својoт двор.






