Апасиев: Филипче не знае каде тера, нека се соочи со својата политичка компромитираност


Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, реагираше на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека тој погрешно го разбрал повикот на Левица за обединување на опозициските сили.

Во изјава за порталот „Локално“, Апасиев порача дека Филипче „очигледно се истрчал“ и се препознал во повикот на Левица за мобилизација на сите сили и граѓани што сакаат поинакво општество од она што, како што вели, го нудат ДПМНЕ и досегашните владејачки структури.

„Филипче не знае каде тера. Прво да се соочи со својата политичка компромитираност“, изјави Апасиев за „Локално“.

Тој се осврна и на проевропските политики на СДСМ, посочувајќи дека оние што постојано зборуваат за Европската Унија треба критички да го преиспитаат сопственото политичко дејствување.

„Оние што постојано урлаат ‘ЕУ, ЕУ’ прво треба критички да си го погледнат сопственото политичко дејствување. Гласањето за Кривичниот законик, амнестијата на функционери на ДПМНЕ и начинот на кој СДСМ и ДПМНЕ функционираат заедно кога станува збор за заштита на политичките елити се конкретни докази за тоа“, рече Апасиев.

Апасиев со ова реагираше на претходната изјава на Филипче, кој порача дека евентуалното обединување на опозицијата може да се случи само со и зад СДСМ, а истовремено постави услови за Левица во однос на нејзините политики кон НАТО и Европската Унија.

Back to top button
Close