ПП Левица: Наместо да се купат вакцини се чека донација која не се знае дали и кога ќе пристигне

Владата знае дека овчите и козјите сипаници се шират, дека цели стада се уништуваат и знае дека сточарите остануваат без егзистенција, но наместо веднаш да набави вакцини со буџетски средства, чека само најавена донација Турција и дополнителна помош од ЕУ. Нема прецизен датум ни кога вакцините воопшто ќе пристигнат. И откако ќе пристигнат, нема веднаш да почне вакцинација – дозите прво ќе треба да бидат проверени за безбедност, квалитет и ефикасност, по што институциите дополнително ќе одлучуваат за нивната употреба. Значи, додека секој ден се појавуваат нови заразени грла, Министерството сè уште нема ниту вакцина на располагање, ниту јасен рок кога ќе ја има, се вели во соопштението од ПП Левица.

Последиците веќе се огромни! Сточарските организации зборуваат за досега околу 10.000 уништени или угинати овци, повеќе од 50 жаришта и над 100 одгледувачи во источниот дел на државата кои ги загубиле целите стада. Во Штипско проценките се дека заразата зафатила околу 70% до 80% од овчарскиот фонд. Тоа значи дека десетици семејства буквално остануваат без основниот извор на приход, а државата ризикува трајно да изгуби дел од домашното производство на јагнешко месо, млеко и сирење. Стадо создавано десет или дваесет години не се обновува со еднократна исплата по евтаназија.

Најскандалозно и слика-прилика за ноншалантноста и неспособноста на ДПМНЕ е што опасноста беше позната однапред. Болеста претходно направи огромна штета во Грција, а македонските сточари уште тогаш барале навремена интервентна вакцинација, но Министерството и АХВ не обезбедиле вакцини!Првиот потврден случај во Македонија е регистриран уште на 27 јануари во Кумановско, а АХВ во февруари соопштуваше дека состојбата е ставена под контрола. Потоа заразата се прошири кон Свети Николе, Кочани, Радовиш, Штип и другите делови на истокот.

И сега, после седум месеци од првиот случај, Владата не купува вакцини туку чека некој да ѝ ги подари!

Состојбата стигна дотаму што дел од сточарите, во очај, почнале самостојно да набавуваат вакцини од Турција, по што АХВ ги предупреди дека таквата неовластена вакцинација е незаконска и може да ги остави и без обештетување. Наместо само да им се заканува со казни, АХВ треба да објасни како и кој ги довел во ситуација луѓето сами да бараат вакцина во странство и зошто државата не ја обезбедила навреме?!

Во исто време, сточарите оценуваат дека најавеното обештетување од околу 100 денари по килограм е недоволно, бидејќи не ја покрива вредноста на приплодните грла, изгубеното производство и годините потребни за повторно формирање на стадото. ДПМНЕ не може прво да дозволи производителот да остане без сите животни, а потоа да го прогласи проблемот за решен со минимална компензација.

Левица бара Владата веднаш да набави вакцини со буџетски средства, наместо да го условува опстанокот на македонското овчарство со донација за која нема ниту сигурен рок на пристигнување. Потребен е точен календар за вакцинацијата, јавно објавени критериуми каде ќе се спроведува, итно зголемување на ветеринарните екипи и реално обештетување на погодените семејства.

Ако Министерството продолжи ова темпо, не е далеку ризикот кога конечно ќе пристигнат вакцините, веќе да нема доволно овчарски фонд што треба да се спасува.

За ваков дебакл мора да има одговорност! Не може илјадници грла да бидат уништени, цели семејства да останат без егзистенција, а оние што со месеци доцнеле со реакцијата да останат недопрени. Ако никој не одговара за последиците од вакво непостапување, тогаш ДПМНЕ практично воспоставува правило дека функционерот може да уништи цела стопанска гранка со својата неспособност и за тоа да не плати никаква цена.

Back to top button
Close