(Видео) Глутници во Ѓорче и Нерези: Директорот на „Лајка“ тврди дека некој намерно остава кучиња на улица

Од ЈП „Лајка“ велат дека се запознаени со проблемот со кучињата на улицата „Македонска војска“ во Ѓорче Петров и дека нивните екипи досега трипати постапувале на истата локација. По последниот случај, во кој жител се здобил со сериозна повреда додека се обидувал да се одбрани од кучиња, повторно се испратени екипи на терен.
Директорот на ЈП „Лајка“, Војислав Димитровски, вели дека на пријавите се реагира веднаш, но дека проблем претставува тоа што кучињата не секогаш се на локацијата кога ќе пристигнат екипите.
– Имаме пријави и трипати е постапувано на истата локација. Не секогаш кога ќе пристигнат нашите екипи кучињата се таму. За жал, кучето сè уште не е најдено. Две екипи се на терен и ќе постапуваме сè додека не го заловиме – вели Димитровски.
Тој додава дека дал насоки од претпријатието да стапат во контакт и со оштетените граѓани по последните инциденти.
Според него, проблемот на оваа локација не е нов и екипите на „Лајка“ постапуваат таму веќе со месеци. Дел од кучињата кои претходно се наоѓале на ова подрачје веќе биле заловени, но на локацијата повторно се појавуваат нови.
– Станува збор за група кучиња која е оставена таму. Јас на фотографиите не видов куче со ушна маркичка. Постапуваме со месеци и голем дел од тие кучиња се веќе заловени, но проблемот е што на таа локација повторно се оставаат кучиња – посочува Димитровски.
Токму неодговорното напуштање на животните, според него, е еден од проблемите што дополнително ја усложнуваат состојбата. Како пример го посочува просторот кај „Сити мол“, каде претходно имало слични пријави, но по интервенциите на претпријатието проблемот бил адресиран.
– Имавме таков проблем и кај „Сити мол“. Таму веќе не се жалат, проблемот е адресиран. Но, овде зборуваме и за несовесни граѓани и несовесно постапување со животните. Ние немаме надлежност да истражуваме кој ги остава кучињата. Нашата работа е да ги заловиме и да постапиме согласно нашите надлежности – вели тој.
Слична состојба, според директорот, во моментов има и во Нерези, каде е забележана глутница за која од претпријатието имаат сознанија дека кучињата се оставаат на локацијата.
– И во Нерези имаме глутница и имаме сознанија дека некој ги остава кучињата таму. Ние можеме да излеземе на терен и да ги заловиме животните, но не можеме да истражуваме кој ги носи и ги остава – вели Димитровски.
Видеата што граѓани ги испратија до редакцијата на „Фокус“ се снимени вчеравечер и ја прикажуваат состојбата на локацијата.
Од „Лајка“, како што објаснува директорот, по пријавите се постапува во рок од 24 часа, а претпријатието добива информации и од Град Скопје за локациите на кои е потребна интервенција.
– Од Град Скопје нè известуваат на дневна база и ние постапуваме. Свесни сме дека проблемот со бездомните кучиња е голем – додава директорот.
Тој посочува дека од април, откако е назначен на функцијата, обемот на работа во претпријатието е зголемен за околу 65 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Димитровски ги повикува и граѓаните да помогнат во откривањето на случаите во кои кучиња намерно се оставаат на улица. Доколку забележат лице или возило од кое се оставаат животни на јавна површина, апелира случајот да биде документиран и пријавен кај надлежните институции.
Според него, токму ваквото оставање кучиња на различни локации го отежнува трајното решавање на проблемот – екипите може да заловат една група, а по извесно време на истото место да бидат оставени други животни.
Во меѓувреме, интервенцијата на „Македонска војска“ во Ѓорче Петров продолжува. Две екипи се испратени на терен, а од претпријатието велат дека ќе продолжат со обидите за заловување на кучињата.
Димитровски дополнително посочува дека пријави за бездомни кучиња до „Лајка“ редовно препраќаат и општините, Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за внатрешни работи.
– Општините, АХВ и МВР постојано ни ги препраќаат пријавите кои се доставени до нив, а ние постапуваме по нив – вели тој.
Тој нагласува и дека возилата на ЈП „Лајка“ се видливо обележани, што, како што вели, е важно за граѓаните да можат да препознаат дали станува збор за екипа на претпријатието која враќа куче на одредена локација по спроведен хуман третман или за лице кое незаконски остава животно на улица.
– Возилата на „Лајка“ се видливо обележани за да нема двоумење кај граѓаните дали на локацијата се враќа куче по хуман третман од страна на ЈП „Лајка“ или некој незаконски остава кучиња – посочува Димитровски.






