Шести смртен случај од западнонилска треска – почина 72-годишен скопјанец

Шести смртен случај од западнонилска треска е регистриран во земјава. Директорот на Клиниката за Инфективни болести, Фадил Цана, информира дека се работи за 72-годишен пациент од Скопје, кој на Клиниката бил хоспитализиран пред 15 дена. Пациентот бил со доста сериозни придружни заболувања.

Директорот на Инфективна вели дека пациентот бил во исклучиво тешка општа состојба, со тешка клиничка слика и дека и покрај сите преземени мерки на Одделот за интензивно лекување, вчера попладне починал.

 

Цана додава дека во моментов на Клиниката се хоспитализирани 18 пациенти, од кои кај 15 е лабораториски потврдена западнонилска инфекција, а тројца се суспектни на вирусот. Најмладиот пациент кој во моментов се наоѓа на Клиниката за инфективни болести е на 26-годишна возраст и е во добра здравствена состојба. На интензивна нега со тешка клиничка слика се петмина пациенти, сите во поодминати години.

Министерот за здравство Сашо Клековски вчера на прес-конференција ја промовира новата веб-страница www.healthalert.mk, на која граѓаните може да ја следат состојбата со западнонилска треска. На интерактивната веб-страница се достапни информации за бројот на заразени, хоспитализирани, излечени и смртни случаи, бројот на потврдени случаи по општини, како и ризичните подрачја од комарци на територијата на целата држава

Back to top button
Close