За Мицкоски “несмасно и злонамерно” било прашањето дали со изјавата дека авиони на САД користат наши аеродроми ни ја загрозил безбедноста

Исклучително несмасна, злонамерна и констатација која не е точна. Вака премиерот Христијна Мицкоски го оцени прашањето што му беше поставено денеска во врска со неговата изјава во интервјуто за американскиот портал „Брајтбарт“, во која откри дека воени авиони на САД ги користат македонските аеродроми во операции поврзани со војната со Иран.

Имено, премиерот во делот што беше наменет за новинарски прашања на денешниот настан во Владата по повод потпишувањето на Договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод меѓу Македонија и Србија беше прашан дали со изјавата дека американски воени авиони полетуваат кон Персискиот Залив, всушност ја загрозил безбедноста на Македонија, имајќи предвид дека Техеран во неколку наврати упати предупредување до Бугарија за користењето на нејзината тертиторија за операции врз Иран

Мицкоски го оцени прашањето како лична констатација на медиумиот чија новинарка го постави, оценувајќи ја како несмасна, злонамерна и неточна.

„Што се однесува за вашата констатација, лична, како медиум, дека јас сум ја загрозил безбедноста на државата на тој начин што сум кажал во мое интервју за престижниот американски медиум ‘Брајтбарт’ дека нашите сојузници Соединетите Американски Држави како логистика ги користат нашите аеродроми ја отфрлам и ја прогласувам за исклучетелно несмасна, злонамерна и констатација којашто не е точна, бидејќи со членството во НАТО-алијансата ние имаме свои обврски и односи заедно со нашите стратешки партнери“кажа Мицкоски.

Надоврзувајќи се во одговорот, тој рече дека во услови кога на нашите стратешки партнери им е потребна логистичка поддршка, Македонија како држава без дилема застанува зад своите партнери бидејќи, како што додаде, тоа се и наши стратешки интереси.

„Така што јас еве од мое име се извинувам на нашите стратешки партнери за ваков тип на констатација на вашиот медиум“ додаде Мицкоски.

Премиерот во интервјуто за американскиот крајнодесничарски веб-портал „Брајбарт“ откри дека американски воени авиони, ангажирани во операциите поврзани со војната со Иран, секојднево слетуваат и полетуваат од македонските аеродроми, а дел од нив се задржуваат пред повторно да заминат кон Персискиот Залив.

Во интервјуто не се наведува конкретно за кои типови американски воени авиони станува збор, ниту на кои македонски аеродроми слетуваат. Исто така, не се посочува дали при престојот во земјава се врши полнење со гориво или друг вид логистичко снабдување. Мицкоски во разговорот конкретно зборува за „паркирање“ и „одмор“, по што, според него, авионите продолжуваат назад кон Персискиот Залив.

„Американското воено воздухопловство ги користи нашите аеродроми, така што секој ден авиони на американското воено воздухопловство слетуваат и полетуваат од нашите аеродроми. Некои од нив ги користат нашите аеродроми за паркирање, за малку одмор, а потоа повторно заминуваат кон Заливот“,вели Мицкоски.

Како што вели премиерот за „Брајбарт“, македонскиот воздушен простор е отворен за американските воени летала и земјава е подготвена да продолжи со ваквата поддршка.

Инаку, изминатите неколку дена официјален Техеран упати предупредување до Бугарија да не дозволува користење на нејзината територија за американски или израелски воени операции против Иран, нагласувајќи дека го задржува правото да одговори со напад врз изворот на евентуалната агресија.

Како што пренесоа медиумите, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека Иран нема проблем со бугарскиот народ, но оти секоја поддршка за американско-израелските воени операции против земјата може да се смета за учество во агресијата.

Багеи порача дека земјите немаат причина за загриженост поради Иран, освен во случај ако дозволат нивните територии и воени бази да бидат користени за напади врз неговата земја.

Тој посочи дека Иран го задржува правото да го нападне местото од кое би потекнал евентуален напад, додавајќи дека Техеран е подготвен да ги брани своите територија и интереси.

Back to top button
Close