Зошто сè повеќе млади луѓе користат електронски цигари?
Неодамнешна студија во Германија покажува дека употребата на електронски цигари брзо се шири меѓу младите. Здравствените експерти предупредуваат дека трендот носи сериозни ризици.

Антонија С. (името е променето) повеќе нема желба да пуши класични цигари. Почнала на 18 години, а шест години подоцна преминала на вејп, односно користење електронски цигари. Нејзиниот омилен вкус е лубеница, а шишенце од 10 милилитри е-течност, еквивалентно на околу 60 цигари, ѝ трае една недела.
Антонија, која денес има 30 години, за „Дојче веле“ изјави: „Постојано се обидував да престанам да пушам. Никогаш не успеваше сè додека не почнав со вејп. Имам чувство дека ме направи поздравa. Но, истовремено мислам дека сум многу повеќе зависна од вејп отколку што бев од цигарите. Сите што ги познавам велат дека вејпаат многу повеќе отколку што би пушеле“.
Вејпот овозможува вдишување никотин со различни ароми без согорување на тутун, што од аспект на корисниците има одредени предности: нема непријатен мирис, а слатката арома како боровница, кола или јаболко со праска, најчесто не создава проблеми во домашната средина.
Антонија го практикува тоа секојдневно: пушењето цигари во нејзиниот стан било строго забрането, додека користењето е-цигари е можно во секое време и на секое место. „Постојано го правиш тоа. Со цигари ќе си речеш: ‘Имам само пет минути, не е доволно’, и на крај нема да запалиш. А, со вејп не мора ни да излезам надвор“.
На прашањето кога би престанала, таа додава: „Во моментов чувствувам дека има повеќе корист отколку штета. Но, ако забременам, веднаш ќе престанам“.
Расте бројот на млади корисници на е-цигари
Она што го опишува Антонија одразува поширок тренд што сè повеќе ги загрижува здравствените власти во Германија. Особено младите повторно се насочуваат кон е-цигарите.
Според најново истражување, во 2025 година речиси секој десетти млад човек на возраст од 12 до 17 години користел е-цигари, во споредба со околу шест проценти четири години претходно. Речиси седум проценти од младите во оваа група редовно вејпаат, повеќе од двојно во однос на 2021 година.
Федералниот комесар за дрога, Хендрик Штрек, кој ја нарачал студијата, предупредува на пресврт во досегашниот позитивен тренд: „Превенцијата од тутун во Германија беше успешна со години, но тој успех повеќе не е загарантиран. Почнувањето со вејп создава зависност од никотин и често ги води младите кон класично пушење. Никотинот не е безопасен, а ниту адитивите во уредите“.
Федералниот институт за процена на ризик идентификувал 13 адитиви кои се штетни, а во некои случаи и канцерогени.
„Тутунот и никотинот создаваат силна зависност. Не смееме да го минимизираме тоа. Во Германија секој ден 360 луѓе умираат како последица од нивната употреба“, нагласува Штрек.
Поделени ставови: индустријата и експертите
Штрек предлага забрана на привлечните вкусови што ги привлекуваат младите, повисоки даноци на тутунот и построги контроли при продажба. Според Законот за заштита на младите, продажба и употреба на никотински производи е забранета за лица под 18 години, вклучително и вејп без никотин.
Од друга страна, Германското здружение на трговци со е-цигари тврди дека овие производи не се наменети за млади или за лица кои не пушат.
„Постои широк научен консензус дека е-цигарите се значително помалку штетни од класичните. Тоа не значи дека се безопасни, туку дека претставуваат помал ризик за возрасните пушачи“, наведуваат од здружението.
Германскиот комесар за дрога, Хендрик Штрек, бара „јасни правила за состојките, вкусовите, рекламирањето и пакувањето“ за електронските цигари.Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance
Вејпот веќе присутен и во основните училишта
За Боб Блуме, познат германски образовен инфлуенсер со речиси 240.000 следбеници, концептот на „помал ризик“ е двосмислен. И самиот бил пушач на забави пред да премине на вејп.
„Вејпот има ‘кул’ фактор и асоцира на зрелост. Многу наставници сведочат дека вејпањето е присутно во училишните тоалети. По моето видео на оваа тема, добив пораки дека веќе се појавува и во основните училишта“, вели тој.
Според него, постои очигледна беспомошност како да се реагира на овој феномен, што го споредува со предизвиците од користењето паметни телефони кај младите.
Влијанието на инфлуенсерите и недостигот од долгорочни студии
Бидејќи е-цигарите масовно се користат релативно кратко – од околу 2010 година, сè уште недостасуваат долгорочни истражувања за нивните ефекти.
Иако научниците генерално сметаат дека ризикот од рак е помал отколку кај класичните цигари, истражувачи од Универзитетот во Оксфорд предупредуваат дека никотинските вејпови можат да бидат канцерогени за усната празнина и белите дробови и повеќе од двојно го зголемуваат ризикот од сериозни белодробни заболувања.
Блуме повикува на широка кампања против вејпот, нагласувајќи ја улогата на познатите инфлуенсери со милионска публика.
„Тие имаат огромно влијание. Не мора ни активно да промовираат – доволно е да го прикажуваат како нормално однесување. Ако мојот идол го прави тоа, тогаш тоа станува ‘кул’. Тоа има огромен ефект“, предупредува тој.(DW)






