Превозниците протестираа, Брисел одговори: Правилата на Шенген нема да се менуваат

Професионалните возачи од земјите надвор од Европската унија и натаму ќе мора да се придржуваат до постојните Шенгенски правила, иако Европската комисија признава дека актуелниот режим создава сериозни потешкотии за оние чија работа бара често и долготрајно патување низ европските земји.
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, изјави дека Брисел е запознаен со проблемот со кој се соочуваат одредени категории професионалци од трети земји, меѓу кои и возачите на камиони, објави 4news.mk
Според него, станува збор за работници кои поради природата на својата професија имаат потреба од пристап до Шенгенскиот простор подолго од 90 дена во период од 180 дена.
„Ова се однесува на професии кои бараат висок степен на мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеја“, посочи Ламерт.
Тој нагласи дека решавањето на проблемот во одредена мера зависи и од националните законодавства и билатералните договори на земјите-членки. Оттука, според него, постои простор за изнаоѓање практични решенија во рамките на актуелните Шенгенски правила.
Како можни механизми се наведуваат долгорочните визи и дозволите за престој, за кои надлежност имаат земјите-членки. Во одредени ограничени ситуации, пак, професионалните возачи би можеле да бидат третирани како прекугранични работници.
Ламерт појасни и дека системот за влез и излез не воведува нови правила ниту нови ограничувања во однос на должината на краткорочниот престој во Шенген-зоната. Сепак, Европската комисија останува отворена за разговори со цел да се најде решение за специфичната положба на професионалните возачи.
„Продолжуваме да соработуваме со нашите партнери од Западен Балкан“, рече Ламерт, додавајќи дека за ова прашање во повеќе наврати било разговарано и со претставници на транспортниот сектор.
Изјавата на Европската комисија следува по протестите на неколку стотици превозници кои вчера се собраа во Скопје, Сараево, Белград и Подгорица, пред зградите на делегациите на Европската Унија.
Превозниците бараат посебно решение за професионалните возачи, со кое нивниот престој во ЕУ би бил усогласен со природата на нивната работа. Тие бараат правилото за престој од најмногу 90 дена во рамки на 180 дена да не се применува на возачите кои поради работните обврски постојано преминуваат граници.
На последниот протест превозниците порачаа дека, доколку не се најде решение, се разгледува и можноста за блокирање на границите кон Европската Унија.






