УНИЦЕФ: Загрижувачки злоупотреби на деца во С. Македонија

Над 11.700 деца во Северна Македонија биле изложени на злоупотреби на интернет, покажува анализа на УНИЦЕФ. Загрижуваат заканите, уцените и злоупотребите со вештачка интелигенција.

Се проценува дека 11.727 деца на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија, односно 9,4 проценти од младите корисници на интернет, доживеале барем една форма на сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена со технологија во текот на една година, покажуваат најновите податоци објавени од УНИЦЕФ.

Иако оваа стапка е пониска од просекот во 21 земја опфатена со истражувањето, анализата открива неколку особено загрижувачки показатели за состојбата во Северна Македонија, кои бараат итно внимание од институциите,родителите и дигиталните платформи.

Највисока стапка на закани и уцени меѓу анализираните земји

Според истражувањето, Северна Македонија бележи највисока преваленца меѓу деветте земји опфатени во вториот круг од анализата кај децата кои биле изложени на закани или уцени да се вклучат во сексуални активности.

Дури 4,4 проценти од децата изјавиле дека добиле такви закани, во споредба со просекот од 3 проценти во другите земји.

Земјата, исто така, е на врвот според бројот на деца кои добиле закани дека ќе бидат објавени нивни интимни фотографии или видеа. Такво искуство пријавиле 4,2 проценти од испитаниците, додека просекот во останатите земји изнесува 2 проценти.

Вештачката интелигенција отвора нови ризици за децата

Особено загрижувачки се податоците поврзани со злоупотребата на новите технологии.Северна Македонија има највисока стапка меѓу анализираните земји на деца кои пријавиле дека биле креирани сексуализирани фотографии или видеа генерирани со вештачка интелигенција што ги прикажуваат нив.

Вакво искуство пријавиле 4,3 проценти од децата, што е повеќе од двојно над просекот од 2 проценти регистриран во сите земји опфатени со истражувањето.Овие наоди посочуваат дека новите технологии создаваат нови ризици по безбедноста на децата на интернет.

Истражувањето ги побива вообичаените претпоставки дека најголем ризик претставуваат непознати лица на интернет. Дури 80 проценти од регистрираните случаи во С.Македонија вклучувале лице кое детето веќе го познавало, како пријател, член на семејството, романтичен партнер или познаник. Тоа е значително над просекот од 57 проценти во другите земји и е највисок процент забележан во студијата.

Повеќе од половина од сторителите, или 52,8 проценти, биле првпат запознаени на јавни места, додека 18,3 проценти од децата ги запознале на училиште, а 18,5 проценти во сопствениот дом. Овие податоци укажуваат дека злоупотребите не се ограничени само на интернет-просторот, туку често произлегуваат од реални и веќе воспоставени односи.

Девојче користи Тик Ток на мобилен телефон 03.10.2024
Податоците покажуваат силна поврзаност меѓу злоупотребите на интернет и менталното здравје на младитеФотографија: Tim Wegner/epd-bild/picture alliance

Возрасни сторители се вмешани во речиси шест од десет случаи

Северна Македонија бележи и највисок удел на полнолетни сторители меѓу земјите опфатени во вториот круг од истражувањето. Речиси шест од десет случаи, односно 59 проценти, вклучувале возрасен сторител, додека просекот во останатите земји изнесува 34 проценти.

Податоците покажуваат силна поврзаност меѓу злоупотребите на интернет и менталното здравје на младите.

Децата кои биле изложени на сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена со технологија имале 8,6 пати поголема веројатност да пријават самоубиствени мисли или однесување и 9,4 пати поголема веројатност да пријават самоповредување во споредба со нивните врсници кои не биле изложени на такви искуства.

Истражувањето покажува дека токму во Северна Македонија е регистрирана најсилна поврзаност меѓу злоупотребата и овие сериозни последици по менталното здравје.

Децата зборуваат, но ретко се вклучуваат институциите

Позитивен аспект е фактот што Северна Македонија има највисока стапка на обелоденување меѓу земјите учеснички. Дури 87,6 проценти од децата кои доживеале злоупотреба кажале некому за своето искуство, најчесто на мајките, пријателите, татковците, браќата или сестрите.

Сепак, и покрај високото ниво на доверба во најблиските, помалку од 1 процент од случаите биле пријавени до формалните механизми за заштита, како што се полицијата, центрите за социјална работа или телефонските линии за помош.

„Северна Македонија мора да се потпре на подготвеноста на децата да проговорат, така што ќе овозможи секое откривање да води кон навремен и координиран одговор ориентиран кон детето, истовремено јакнејќи ја свеста на семејството и заедницата, унапредувајќи здрави односи и дигитална отпорност, подобрувајќи ги патиштата за пријавување, обезбедувајќи пристап до услуги за поддршка по мерка на децата и зголемувајќи ја одговорноста на технолошките платформи, со цел да се создадат побезбедни дигитални средини за децата“, порачуваат од УНИЦЕФ.

Глобално: Секое петто дете било изложено на злоупотреба на интернет

Во глобални рамки, новиот извештај на УНИЦЕФ проценува дека околу 20 милиони деца на возраст од 12 до 17 години во 21 земја биле изложени на барем една форма на сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена со технологија во текот на една година.

Повеќе од 15 милиони деца биле изложени на несакана сексуална содржина, од околу 9 милиони било побарано да учествуваат во сексуализирани разговори или да споделат интимни фотографии против своја волја, додека фотографии од околу 4 милиони деца биле споделени без нивна согласност.

Според УНИЦЕФ, реалните размери на проблемот веројатно се уште поголеми, бидејќи голем број случаи остануваат непријавени.(dw)

Back to top button
Close