АфД сака да владее во Саксонија-Анхалт – но, како?
По рекордниот резултат на покраинските избори, АфД сака да ја преземе власта во Саксонија-Анхалт, но се чини дека партијата ја промашила својата декларирана цел за апсолутно мнозинство и влада без коалициски партнер.

Алис Вајдел, сојузната претседателка и копретседателка на пратеничката група на АфД во Бундестагот, стои на сцената држејќи се под рака со Улрих Зигмунд – водечкиот кандидат на АфД за покраинските избори во Саксонија-Анхалт – за време на партискиот настан во изборната ноќ во „Алтес театар“ во Магдебург, на 6 септември 2026 година
Алтернатива за Германија (АфД) постигна рекорден резултат на покраинските избори во Саксонија-Анхалт со околу 44 проценти од гласовите, а сите останати партии се далеку зад оваа бројка. Партијата сепак не успеа да постигне и апсолутно мнозинство што ќе ѝ овозможеше формирање на влада без коалициски партнер. Службата за заштита на уставниот поредок ја оквалификува покраинската АфД како „докажано десно екстремна“ така што сите останати партии пред изборите ја исклучија можноста за формирање владина коалиција. Затоа формирањето влада во оваа источногерманска покраина сега ќе биде проследено со значителни пречки. Во изборната ноќ, водечкиот кандидат и победник на изборите, Улрих Зигмунд, за првата програма на германскиот јавен сервис АРД рече дека „како демократ, ќе им подадам рака на сите сили што сакаат да ни се придружат во остварувањето на фундаментален политички пресврт“. Истовремено тој нагласи дека во моментов не гледа политички сили кои би биле соодветни партнери за заедничка влада. Тоа се однесува и на Демохристијаните кои во коалиции владеат и во Саксонија-Анхалт, како и на сојузно ниво во Германија. Зигмунд и целото раководство на АфД политиката на ЦДУ за дистанцирање од АфД ја прогласи за неуспешна. На втората германска програма ЗДФ, претседателката на партијата на сојузно ниво, Алис Вајдел, остро ја критикуваше „блокадата“ на ЦДУ во однос на АфД. „ЦДУ веќе нема да победи на избори – ниту на сојузно ниво. А, од тоа произлегува многу јасен мандат за АфД бидејќи сме демократи, ние не креваме заштитни ѕидови“, рече таа.
Улрих Зигмунд уште истата вечер нагласи дека спроведувањето на платформата на АфД му е поважно од потенцијалните опции за моќ. „Со мене нема да се прават отстапки“, рече 35-годишниот водечки кандидат на АфД, кој уште пред изборите во многу наврати изјавуваше дека сака да владее сам за да иницира фундаментална политичка промена во Германија.
Радикална владина програма на АфД
Владината програма на АфД во Германија со месеци е предмет на жестока дебата. Партијата бара радикални мерки за заострување на политиките за азил и имиграција и има за цел да ја забрза депортацијата на нелегални баратели на азил и да воведе обврска за работа за сите други баратели на азил. Но, таа пред сѐ се стреми да ја направи Саксонија-Анхалт – и Германија како целина – помалку привлечна за имигранти, барајќи „пресврт од 180 степени во миграциската политика“. Во текот на предизборната кампања, партијата постојано ги обвинуваше мигрантите за криминалот во внатрешноста на германските градови и за недостигот на простор за домување. АфД планира и радикално реструктуирање на општеството, па му најавува војна на јавниот радиодифузен сервис, кратење на финансиската поддршка за проекти за промоција на демократијата, воведување еден вид граѓанска милиција за борба против мигрантите и побивање на социјалната разновидност. Во интервју за АРД, Улрих Зигмунд нагласи дека овие теми не се предмет на дебата. Во врска со потенцијалните партнери за оваа радикална агенда, се чини дека партијата првично сака да сочека, па во зависност од конкретната распределба на мандатите во оптек се различни модели. Се зборува и за малцинска влада предводена од АфД, во која би обезбедувала променливи мнозинства во зависност од своите политики. Лидерката на партијата на сојузно ниво, Алис Вајдел, на телевизијата ЗДФ во фокусот го става добиениот мандат на нејзината партија за владеење. „Кој ќе го стори тоа на крајот, дали преку „толерирање“ или коалиција – останува да се види“, рече таа. Генералниот секретар на ЦДУ, Франциска Хоперман, категорично ја отфрли можноста за коалиција. „Нема да има соработка со левичарски или десничарски екстремисти“, рече таа.
Дали една мала партија ќе биде клучна за формирањето влада?
Во покерот за власт, Алијансата Сара Вагенкнехт, доколку воопшто го мине прагот за влез во новоизбраниот покраински парламент, е најнеизвесниот фактор. Малата партија се залага првенствено за левичарска економска политика и – слично како АфД – за попријателска надворешна политика кон Русија. Во минатото, основачот на партијата и поранешна членка на Левицата, Сара Вагенкнехт, во многу наврати се покажа отворена за содржинска соработка со АфД. Сепак, во круговите на АфД од идеолошки причини партијата на Вагенкнехт не ужива имиџ на особено атрактивен партнер. По нивниот триумф – уште пред да заврши пребројувањето на гласовите – некои политичари на АфД наведоа дека се подготвени да останат во опозиција и да го продолжат притисокот врз другите партии сè додека не обезбедат апсолутно мнозинство на идните избори. Со таков став на пример се јави и копретседателот на пратеничката група на АфД во парламентот на Саксонија-Анхалт, Оливер Кирхнер. „Ако се најдеме зад говорницата како опозиција, тоа тоа ќе биде брутално за другите“, се закани во пренос во живо на АфД






