Институционалниот сеир нема крај
Се типува како на спортска прогноза: 52 милиони, 27 милиони, од 3 до 8 милиони. Во кој милион е вистината?

Ако јас сум погрешил, јас ќе одговарам. Ако погрешила институцијата и таа мора да одговара. За институционалните грешки, од коишто најмногу страдаат граѓаните и понатаму ќе се борам. Мора да се уништи овој општествен коров.
Шест години обвиненија, а каде се фактите и кој го контролира контролорот
Почитувани читатели,
Со мака морам да кажам дека полни шест години јас и моето семејство живееме со товарот од последиците на незаконскиот стечај на Еуростандард банка.
Шест години истраги.
Шест години обвиненија.
Шест години замрзнат имот, нарушен углед и неизвесност. Денес, кога конечно се отвора судскиот процес, јас сè уште го поставувам најосновното прашање:
На кои точни факти се темели сето ова?
Кога Народната банка ја одзеде дозволата на Еуростандард банка, во јавноста се зборуваше за загуба од околу 52 милиони евра. После приближно 66 месеци истрага, ОЈО ГОКК поднесе обвинение во кое штетата веќе е околу 27 милиони евра. Денес, според информациите со кои располагаме, преостанатите неисплатени обврски од стечајната маса, вклучително и кон Фондот, се проценуваат околу 3 до 8 милиони евра. Стечајната постапка сè уште трае, а според информациите што ги имаме, се очекуваат дополнителни приливи од повеќе десетици милиони евра.
Тогаш, имам право да прашам, како од 52 милиони стигнавме до 27, а денешната реална непокриена обврска се проценува на повеќекратно помал износ?
Ако 52 милиони биле точни, тогаш покажете ја точната пресметка. Ако 27 милиони се точни, покажете ја методологијата. Ако на крајот, доверителите, физичките и правните лица и Фондот бидат целосно намирени, тогаш кажете ми ја точната „штета“ врз која шест години се гради овој случај?
Не барам јавноста да ми верува на збор. Барам институциите да ги покажат бројките, документите и фактите.
ЗОШТО БЕШЕ ПРЕСКОКНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА од Законот за банки?
Законот предвидува повеќе инструменти за постапување кон банка која има проблеми. Еден од тие инструменти е и воведување администрација. Во случајот со Еуростандард банка, Народната банка не го примени тој инструмент. Се прашувам зошто? Кој документ покажува дека администрацијата била сериозно разгледана? Кој образложил дека администрацијата, докапитализацијата или друго решение не можеле да ја спасат банката? Каде се службените документи и пресметки врз чија основа било утврдено дека токму стечајот е неопходен поради загуба од 52 милиони евра?
Барам доказ, како Народна банка дошла до одлуката дека Еуростандард банка мора да оди во стечај и што ако оваа одлука била погрешна. Кој ќе одговара?
Денес, кога стечајната маса продолжува да наплатува побарувања и кога постои реална можност доверителите да бидат целосно намирени, тоа прашање станува уште потешко.
ПЕТ И ПОЛ ГОДИНИ ИСТРАГА
Истрагата траеше цели пет и пол години. Значаен сегмент за отворање на оваа истрага во ова обвинителство, ОЈО ГОКК беше поврзано со сомнение за перење пари. Во јуни 2026 година ОЈО ГОКК го запре токму тој сегмент од постапката бидејќи, според донесениот акт, не биле исполнети потребните елементи за конкретното кривично дело, со прости зборови немало перење пари во работењето на Еуростандард банка. Само еден месец подоцна се поднесува обвинение по друга правна основа. Го поставувам прашањето, ако еден од најтешките сегменти на истрагата паднал после пет и пол години, дали целиот предмет бил повторно, темелно и непристрасно преиспитан пред да се поднесе обвинение?
Што се истражувало 66 месеци ако и денес мора да ги поставуваме основните прашања за штетата, причините за стечајот и фактичката основа на одлуките?
ТРИ ИНСТИТУЦИИ , А ЕДНА ОДГОВОРНОСТ
Народната банка ја донесе одлуката со огромни последици.ОЈО ГОКК со години ја водеше истрагата. Основниот кривичен суд денес го отвора судскиот процес.
Повторно и повторно прашувам, кој ја проверува почетната грешка која е евидентна, согласно фактите за собраните средства во стечајната маса и исплатените правни и физички лица, вклучително и фондот?
Кој проверува дали првичните факти биле точни? Кој проверува дали пресметките биле точни? Кој проверува дали биле разгледани сите законски алтернативи и кој ќе одговара ако после извесни години се покаже дека основната конструкција била погрешна или можеби тенденциозна?
Токму тука за мене започнува најопасната форма на институционална недопирливост. Не мора некој формално да биде заштитен. Доволно е една институција да се повикува на друга, втората на трета, а на крајот никој да не одговара.
Европската унија со години укажува дека Македонија мора поефикасно да се справува со корупцијата, организираниот криминал и слабостите во владеењето на правото. Организираниот криминал не е само група луѓе што делуваат надвор од институциите. Најопасно е кога системот ќе стане неспособен самиот себе да се контролира. Организираниот криминал ја создава мрежата. Корупцијата ѝ ги отвора вратите. А институционалната неодговорност овозможува никој да не одговара.
Јас не барам привилегија. Ако сум сторил кривично дело, нека се докаже пред суд, но истото правило мора да важи и за институциите.
За институциите ова е предмет. За мене и моето семејство ова се шест години голгота. Шест години во кои секое утро се будиме со истите прашања. Ќе ја дочекам ли вистината? Ќе ја дочекам ли правдата? Дали еден човечки живот ќе се заврши пред да ја доживее правдата, гледајќи го сеирот на меѓусебното институционално префрлање документи и одговорности?
Довербата во институциите не се бара со сила.Таа се заслужува со факти, со законитост и со одговорност. Затоа, денес не барам милост. Не барам заштита. Не барам никој да ми верува само затоа што се викам Трифун Костовски.
Барам, целата вистина да биде ставена на маса. Тогаш нека одговара секој што треба да одговара.
Јас.
Банкарите.
Обвинителите.
Надлежните лица.
Секој.
Затоа што во правна држава не смее да постојат граѓани кои се премногу мали за да бидат заштитени, ниту институции кои се премногу моќни за да одговараат.
Моето последно прашање е едноставно:
КОЈ ЌЕ ОДГОВАРА АКО НА КРАЈОТ СЕ ПОКАЖЕ ДЕКА ДРЖАВАТА ПОГРЕШИЛА?
Правна држава не е држава во која само граѓаните одговараат пред институциите.
Правна држава е држава во која и институциите одговараат пред граѓаните. Државата треба да си ги штити своите чесни граѓани.






