ЛЕВИЦА: ПО ПОВОД НЕЗАВИСНОСТА, ДПМНЕ МУ ПОКАЖА НА НАРОДОТ КОЛКУ Е СУВЕРЕН – ГРАЃАНИТЕ ПЛАЌААТ, А ВЛАСТА КРИЕ КОЛКУ ЧИНИ ПРОСЛАВАТА
Соопштение на Левица
🤐Тешко дека ДПМНЕ можеше да приреди посимболична прослава на 35 години независност. Наместо државноста да ја покаже преку зрели институции, јавна одговорност и почит кон граѓанинот како носител на суверенитетот, власта избра спектакл без потреба за каква било отчетност. Така, народот повторно е третиран како декор – важен да ја финансира државата, но очигледно недостоен да знае колку чини она што се плаќа во негово име. Во таа едноставна контрадикција е собрана нивната претстава за владеењето – легитимитетот го бараат од народот, а правото на увид го задржуваат за тесен круг околу власта.

💰Секој денар што го троши една влада е оптоварен со правна основа, извор, намена, одговорност и можност за контрола. Буџетот не е политички плен освоен на избори, туку финансиски израз на доверена власт. Затоа, тајноста околу трошоците за една државна прослава е скандалозна и укажува дека власта почнува да ја доживува информацијата како сопственост, а јавноста како натрапник.
🏛️Владата уште во мај беше прашана за вкупната финансиска конструкција и за механизмот преку кој „Авалон“ е вклучен во проектот, по што Марија Митева уверуваше дека деталите ќе бидат соопштени по финализирањето на програмата. Програмата одамна е финализирана, речиси сите манифестации се одржани, а јавноста сè уште ја бара сумата.
👉Идејата дека некаква договорна доверливост може бескрајно да служи како параван пред прашањето за јавниот расход е скандалозна. Комерцијалните односи имаат свои легитимни механизми на доверливост, но јавните финансии, пак, имаат сосема поинаква уставна и демократска логика. Кога овие две сфери ќе се судрат, Владата има должност да ја заштити јавната отчетност.
📣Односот кон јавноста најдобро се соголи денес кога на сосема легитимно новинарско прашање зошто не е објавена сумата од договорот за Дејвид Гета, Бобан Милошески од „Авалон“ возврати со: „Дали ти изгледам јас ко идиот?“ Во таа дрскост има повеќе политичка вистина отколку во сите патриотски говори што ќе ги слушнеме за 8 Септември. Прашањето за туѓите пари станало провокација, новинарската контрола нарушување на свеченоста, а јавниот интерес досадна непријатност. Таа безобѕирност сепак не никнала во вакуум туку ја произведува амбиент во кој власта со месеци одбива да ја понесе јавната обврска за отчетност.
🚨Бараме целосна финансиска отчетност за прославите, односно: вкупната вредност на програмата, сите договори и анекси, изворите и буџетските позиции, постапката и правната основа за ангажманите, исплатените и преземените обврски, продукциските и логистичките расходи, хонорарите, спонзорските средства и приходите поврзани со настаните.
⚠️ДПМНЕ може да закупи најголеми сцени, да донесе светски ѕвезди и да произведе километри патриотска сценографија, но државноста од тоа не произлегува автоматски. Државата станува туѓа кога власта почнува да располага со заедничкото како со свое, а од сопствениците бара само послушност и аплауз. Затоа оваа прослава навистина е слика и прилика на владеењето на ДПМНЕ – народот формално е суверен, а практично, го пуштаат во сопствената држава само до бината, додека до касата нема пристап.






