Вучиќ најави распуштање на парламентот: Предвремени избори во Србија на 25 октомвр

Србија ќе оди на предвремени парламентарни избори на 25 октомври, откако претседателот Александар Вучиќ најави дека денеска ќе го распушти Народното собрание и ќе распише избори.

Во интервју за Радио-телевизија Србија, Вучиќ синоќа изјави дека го добил предлогот од Владата за распуштање на парламентот и дека денеска напладне ќе ги потпише и објави двете одлуки.

„Прво е указот за распуштање на српскиот парламент, втората е одлуката за закажување на изборите. Ќе ги објавам обете одлуки во 12:00 часот. Изборите ќе се одржат на 25 октомври“, рече Вучиќ.

Тој ги повика сите учесници на изборите да им се обратат на граѓаните и да покажат разбирање за нивните потреби и загрижености. Вучиќ повторно ги повика студентите да не ги блокираат универзитетите, предупредувајќи дека таквите постапки би биле штетни и за нив, но и за граѓаните, наставниците и останатите студенти.

„Им посакувам на сите успешна трка“, порача Вучиќ, изразувајќи уверување дека политичката криза во Србија ќе заврши по изборите. Тој додаде дека ќе им честита на противниците доколку победат и дека ќе прифати каков било демократски изборен резултат.

Српскиот претседател во интервјуто се осврна и на критиките упатени кон Србија по погребот на Ратко Младиќ, кој пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија беше осуден за геноцид и други воени злосторства..

Осврнувајќи се на реакциите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, Вучиќ рече дека немал лоша намера кон нив и ги опиша како луѓе кои отсекогаш ја поддржувале Србија.

Сепак, тој ја доведе во прашање оправданоста на критиките поврзани со присуството на луѓе на погребот на Младиќ, потсетувајќи на случајот со Динко Шакиќ, кому во 2008 година, според Вучиќ, му било дозволено да биде погребан во усташка униформа во Хрватска.

Вучиќ го спомена и случајот со Слободан Праљак, по чие самоубиство во Хрватскиот сабор била одржана минута молчење. Тој потсети и дека одлуката на Хашкиот трибунал со која шестмина хрватски офицери биле осудени била оценета како неправедна и неприфатлива во Хрватска.

Back to top button
Close