Британската полиција ја прошири истрагата за партијата Реформа на Велика Британија на Нејџел Фараж
Лондонската метрополитенска полиција денеска ја прошири кривичната истрага за британската партија Реформа на Велика Британија, на Најџел Фараж, по обвинувањата дека двајца високи партиски соработници ѝ овозможиле на американска компанија да финансира три анкети за јавното мислење за оваа партија, во вредност од приближно 38 илјади евра.
Портпаролот на Метрополитенската полиција објави дека полицијата, по извештајот објавен на 3 септември во британските медиуми, добила неколку извештаи во врска со донации и анкети на јавното мислење поврзани со политичка партија.
„Детективите ги оценија доставените информации и утврдија дека постојат потенцијални кривични дела што бараат истрага“, рече портпаролот.
Како што додаде, потенцијалните кривични дела по својата природа одговараат на случаи што веќе се предмет на истрага од страна на специјален истражен тим на Метрополитенската полиција, а кои се однесуваат на донации за истата политичка партија.
„Затоа, овие прашања ќе бидат дел од истрагата што веќе е во тек“, соопшти полицијата, објави Скај њуз.
Сите обвинувања што се предмет на истрагата се однесуваат на потенцијални кривични дела според Законот за политички партии, избори и референдуми од 2000 година.
Полицијата соопшти дека истражителите тесно соработуваат со Изборната комисија и Службата на обвинителството како дел од нивната истрага за да добијат релевантни снимки поврзани со телевизискиот извештај објавен на 3 септември.
Според достапните информации, досега никој не е сослушан со формално предупредување за можноста за кривично гонење, ниту пак некој е уапсен.
Портпаролот на партијата Реформ УК негираше какво било незаконско дело и рече дека партијата целосно ќе соработува со истрагата.
„Реформ УК негира какво било незаконско дело и целосно ќе соработува со истрагата. Нема да коментираме понатаму за случајот додека истрагата е во тек“, рече портпаролот.
Лидерот на Реформ УК, Најџел Фараж, минатата недела инсистираше дека донациите од именуваните лица „не постоеле“ и дека не се во ниедна евиденција.
Двајца соработници на партијата за кои се вели дека ѝ овозможиле на американската компанија да плати за истражувањето поднесоа оставка по емитувањето, а партијата започна внатрешна истрага.
Метрополитенската полиција првпат ја започна својата истрага за партијата Реформ УК во февруари 2025 година, откако Британската изборна комисија достави информации во врска со донациите пред општите избори во 2024 година.
Како дел од таа истрага, две лица беа испрашувани со формално предупредување, но никој не беше уапсен.сд/






