Амнести Интернешнл: Регрутирањето странци од страна на Русија за војната во Украина претставува трговија со луѓе
Регрутирањето странски државјани од страна на Русија за борба во војната во Украина „претставува трговија со луѓе“, објави ДПА, повикувајќи се на извештај на невладината организација Амнести Интернешнл.
Извештајот се темели на интервјуа со странски државјани кои биле држени во украински логори за воени заробеници.
„На многу од регрутите им биле ветени високи плати и бонуси по потпишувањето договори, кои подоцна не биле исплатени. Некои добиле дел од ветените суми пред да бидат заробени, но многумина тврдат дека не добиле ништо“, се наведува во соопштението на организацијата по повод објавувањето на извештајот.
Покрај финансиските награди, сите интервјуирани ја навеле ветената можност за добивање руско државјанство како посебен поттик.
Според Амнести Интернешнл, руските регрутери користеле принуда, измама и заблуда за да ги убедат странците да се приклучат на руските вооружени сили.
„Степенот на експлоатација и принуда нè наведе да заклучиме дека во многу случаи ова претставува трговија со луѓе како што е дефинирано во Протоколот за спречување, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе, особено жени и деца, кој ја дополнува Конвенцијата на ОН против транснационалниот организиран криминал, позната по скратено како Палермо протокол на ОН“, изјави генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламард.
Организацијата интервјуираше повеќе од десетина странски државјани, вклучително и од Колумбија, Куба, Египет, Сомалија и Јужна Африка, за време на шест посети на два украински логори за воени заробеници помеѓу 2024 и 2026 година. Само тројца од интервјуираните свесно потпишале договор за учество во војната во Украина, соопшти Амнести Интернешнл.
Воени заробеници од Бразил и Шри Ланка ѝ кажале на организацијата дека нивните пасоши и мобилни телефони биле одземени по потпишувањето на договорите. Тие рекле дека договорите биле составени само на руски јазик. Во извештајот се наведува дека регрутите добиле само околу две недели основна воена обука, што било недоволно.
Амнести Интернешнл забележа дека не можела да спроведе истрага во Русија, каде што организацијата е забранета од мај 2025 година.






