Меркел ги повика германците да ја бранат демократијата
Поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, синоќа ги повика Германците да ги бранат слободата и демократијата, во апел упатен неколку дена по историскиот успех на крајнодесничарска партија на изборите во германска покраина, што предизвика реакции ширум светот, објави ДПА.

„Како што често се случува, не постои нешто како бесплатен ручек – ништо не доаѓа без цена“, нагласи Меркел, која управуваше со Германија повеќе од 15 години.
„И вие имате мала задача што треба да ја исполните“, истакна поранешната канцеларка во обраќањето пред 1.200 луѓе собрани на островот Узедом во североисточната покраина Мекленбург-Западна Померанија, пред кои презентираше извадоци од својата автобиографска книга насловена „Слобода“.
Мекленбург-Западна Померанија е следната германска покраина каде на 20 сетпември ќе се одржат избори, заедно со изборите во Берлин. По успехот во покраината Саксонија-Анхалт во неделата, крајнодесничарската „Алтернатива за Германија“ (АфД) очекува добар резултат и во Мекленбург-Западна Померанија.
Меркел прочита извадок од својата книга во кој наведува дека денес „во невидена мера вистините се нарекуваат лаги, а лагите – вистини, и тоа во демократиите го користат луѓе на раководни позиции“. Таа нагласи дека вистинската слобода не се однесува само на личната корист, туку се раководи од воздржаност и морални ограничувања.
„Слободата бара демократски услови, без демократија нема слобода“, рече Меркел. „Ако сакаме да живееме во слобода, мора да ја браниме нашата демократија (…) од оние што ја загрозуваат. Можеме да успееме во тоа ако работиме заедно, ако колективно се ангажираме – секој од нас поединечно и сите едни за други“, рече таа.
Присутните во повеќе наврати со аплаузи го поздравија 90-минутното обраќање на Меркел, вклучително и кога зборуваше за бегалската криза во 2015 година и за својата одлука да ги прифати Сиријците кои пристигнуваа преку Унгарија. Таа призна дека таа одлука, како и нејзините политики за време на должничката криза во еврозоната, ѝ помогнале на АфД, која политичкото делување го започна како антиевропска партија, пред акцентот да го стави врз миграцијата.
„Но, луѓето не треба да ги напуштаат своите основни принципи во обид да спречат доаѓање на АфД на власт“, рече таа, посочувајќи ги европското единство, слободата на движење и заштитата на човековото достоинство.
„Демократските партии имаат големо влијание врз тоа колку силна всушност може да стане АфД. Убедена сум дека ако сметаат дека можат да ја држат АфД под контрола со постојано разгледување на нејзините теми – и, во идеален случај, обидувајќи се реторички да ја надминат, без да понудат реални решенија за постојните проблеми – ќе доживеат неуспех“, нагласи Меркел.
Таа уште укажа и на потребата од одговори од главните партии што ја ценат демократијата и не се стремат кон поткопување на Уставот, и тоа како што рече, „без тактички маневри“.
„Умереноста и рамнотежата – тоа е основата и предусловот за успех на демократските партии“, изјави Меркел.
Антимигрантската партија освои рекордни 43,8 отсто од гласовите во Саксонија-Анхалт во неделата, при што за малку не освои апсолутно мнозинство од пратеничките места. Партијата убедливо го надмина Христијанско-демократскиот сојуз (ЦДУ), на кој му припаѓаат и канцеларот Фридрих Мерц и самата Меркел.






