Ахмети маршираше во Приштина за поранешните лидери на ОВК: Правдата и слободата мора да одат заедно

Во Приштина се одржа „Маршот за слобода“ во поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово, на кои им се суди во Хаг – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. На маршот учествуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој порача дека, според него, албанскиот народ го кажал својот став за обвинетите.

Маршот беше организиран од платформата „Слободата има име“, а учесниците носеа знамиња на ОВК и бараа правда и враќање на поранешните лидери во Косово.

„Денеска, во Приштина, марширавме за слободата и во поддршка на ослободителите“, напиша Ахмети по маршот.

Тој оцени дека собирот е порака дека слободата не претставува само сеќавање на минатото, туку вредност која, како што рече, се брани и потврдува секој ден.

„Косово денеска зборуваше силно, изразувајќи благодарност кон оние кои се жртвуваа за неговата слобода и достоинство“, напиша Ахмети.

Најдиректната порака Ахмети ја упати за судењето на Тачи, Весели, Красниќи и Селими пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.

„Денеска албанскиот народ го даде својот јасен суд: Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими ги прогласува за невини“, порача Ахмети.

Станува збор за политичка порака и став изнесен од Ахмети по маршот, а не за судска одлука за вината на четворицата обвинети.

За време на маршот беа упатени пораки дека ОВК се кренала против угнетувањето и дека нејзината борба, според организаторите и учесниците, не треба да биде предмет на ревизија преку судски постапки.

Ахмети во својата објава порача дека ОВК е дел од историјата на Косово и од заедничката меморија на оние кои верувале и се бореле за слобода.

„Од Приштина денеска ја испративме пораката дека правдата и слободата мора да одат заедно“, напиша Ахмети.

Објавата ја заврши со пораките: „Слава на сите маченици на слободата! Да живее Косово! Да живее ОВК!“, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close