Пожарот на Брач стивнува: Над 4.000 хектари изгорени, 235 пожарникари на терен
Состојбата со големиот пожар на хрватскиот остров Брач, кој избувна на 10 септември, во текот на ноќта била поповолна во споредба со претходните денови. Немало големи пламени јазици ниту густ чад, а пожарникарите веднаш интервенирале на местата каде што повторно се појавувал оган.

На терен во текот на целата ноќ биле ангажирани 235 пожарникари со 68 возила.
„Екипите брзо реагираат на секоја појава на пламен или чад, кои вечерва се со помал интензитет отколку претходните вечери. Ситуацијата е подобра во однос на претходните ноќи“, соопштиле од Оперативниот центар за противпожарна заштита на Брач за хрватската агенција „Хина“.
Пожарот што во неделата попладне избувнал во Бол во меѓувреме е изгаснат.
Жупанискиот противпожарен командант за Сплитско-далматинската жупанија, Иван Ковачевиќ, очекува огнената стихија постепено да стивне во наредните денови, доколку временските услови останат поволни и нема силен ветер.
Според него, пожарот зафатил огромно подрачје, со должина од околу 35 до 40 километри. Првичните проценки на пожарникарите покажуваат дека досега изгореле повеќе од 4.000 хектари шума, ниска вегетација и макија.
Особено тешка била ситуацијата во заливот Дубока, во близина на Милна, каде што пожарникарите во саботата вечерта воделе жестока борба со огнот. По пожарот зад себе останал опустошен и изгорен пејзаж.
Командирот на Доброволното противпожарно друштво Супетар, Никола Мартиниќ Драган, за РТЛ раскажа дека во најкритичните моменти пожарот се ширел толку брзо што огнот стигнувал до објектите пред пожарникарите.
„Беше прилично апокалиптично. На самиот почеток пожарот беше побрз од нас. Огнот ги опколи сите објекти пред да успееме да стигнеме до нив“, изјави тој.
Пожарникарите, како што раскажа, морале да минуваат низ огнот за да стигнат до загрозените луѓе, бранејќи ги објектите практично куќа по куќа.
Една од најдраматичните ситуации се случила во одморалиште каде што околу 200 луѓе останале заробени во хотел. Поради огнот што го опколил подрачјето, нивната евакуација на друга локација не била можна.
„Го затекнавме хотелот полн со луѓе, а нивното извлекување претставуваше голем предизвик. Огнот веќе нè беше опколил, па не можевме едноставно да ги евакуираме на безбедно место“, рече Мартиниќ Драган.
Пожарникарите одлучиле луѓето да останат во цврстиот хотелски објект, кој можел да се затвори за да се намали навлегувањето на чад, додека екипите однадвор го бранеле од пламените јазици.
Иако состојбата сега е значително помирна, противпожарните екипи остануваат на терен поради опасноста од повторно разгорување на огнот






