Германското обвинителство покрена обвинение против шпионка која работела за руската амбасада во Берлин

Германските обвинители поднесоа обвинение против осомничена шпионка за Русија, која е обвинета дека предавала информации на разузнавачки оперативец во руската амбасада.

 

Сојузното обвинителство со седиште во Карлсруе денеска соопшти дека жената е обвинета за тајна разузнавачка активност.

 

Жената со двојно државјанство, германско и украинско беше уапсена во јануари и оттогаш се наоѓа во притвор, потсетува ДПА.

 

Се тврди дека осомничената била во контакт со разузнавачот најдоцна од октомври 2023 година.

 

„Со години, обвинетата му давала бројни информации за значајни настани и му овозможувала да присуствува на такви настани, во некои случаи под лажно име“, се наведува во соопштението на обвинителството. „Целта била да му се овозможи да изгради сопствена мрежа за разузнавачки цели“, се додава во соопштението.

 

Осомничената, исто така, се обидела да регрутира луѓе од Министерството за одбрана и од наменската индустрија за свои цели, соопшти обвинителството.

 

Постапувајќи во име на разузнавачот, таа барала информации за германската одбранбена политика и индустријата за оружје, особено во врска со руската воена агресија врз Украина.

 

Сега судовите треба да одлучат дали случајот ќе биде проследен на судење.

Back to top button
Close