Во Либија запленета дрога со ликот на Гадафи

Либиските власти запленија пратка со десетици илјади таблети екстази, од кои секоја го имала ликот на соборениот водач Моамер Гадафи, а дрогата била прошверцувана од Европа, соопштија безбедносни извори.

На фотографиите кои ги објави безбедносната агенција во Триполи се гледаат вреќи со кафеави таблети обликувани како главата и рамениците на Гадафи, со втиснати црти на неговото препознатливо лице и облека.

Либија стана важен регионален транзитен центар за синтетички дроги и други наркотици наменети за локалните корисници и за други делови од Северна Африка и поширокиот континент, се наведува во извештајот на Обединетите Нации објавен во јануари.

Шверцерските групи ја користат хаотичната состојба во земјата од 2011 година, се наведува во извештајот на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал. Гадафи беше соборен таа година, по што Либија влезе во долготраен период на внатрешни судири и поделби.

Таблетите пристигнале во едно либиско пристаниште преку една европска земја, соопшти агенцијата Ал Рада за борба против тероризмот и организираниот криминал, безбедносно тело при Претседателскиот совет со седиште во Триполи, без да наведе за која земја и за кое пристаниште станува збор.

Back to top button
Close