Нова кривична за Јакимовски: Полицијата го сомничи за несовесно работење во службата

Нова кривична пријава е поднесена против градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, дознава „Скопје1“ од извори во истрагата. Тој е пријавен за кривично дело „Несовесно работење во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик.

Кривичната пријава е резултат на постапување на Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за економски криминал и корупција, во координација со СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, по наредба издадена од Основното јавно обвинителство Скопје.

Освен Јакимовски, кривично е пријавена и Благица Блажевска, раководителка на Секторот за урбанизам во Општина Карпош, за четири кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“, како и Симона Серафимовска Ѓуреска, вработена во истиот сектор, за две кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според информациите кои ги пренесе  „Скопје1“, дел од случајот се однесува на издавање одобрение за градење врз основа на Детален урбанистички план кој претходно бил укинат со одлука на Уставниот суд во 2018 година.

Сомнението е дека Блажевска и Серафимовска Ѓуреска знаеле дека планот е укинат, како и дека самиот Јакимовски претходно дал насоки да не се издаваат изводи од планови, одобренија за градење и други акти за ДУП-овите укинати од Уставниот суд.

Вториот случај се однесува на основен проект за кој полицијата тврди дека бил изработен спротивно на важечкиот урбанистички план. Наместо предметот да им биде вратен на инвеститорите на доработка, на 29 октомври 2025 година било издадено одобрение за градење.

Според пријавата, со ова на инвеститорите им било овозможено противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 13.021.914 денари.

Кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство Скопје, кое треба да постапува по наводите и доказите прибрани од полицијата.

Back to top button
Close