Хашим Тачи и Јакуп Красниќи осудени на по 25 години затвор за злосторства против човештвото и воени злосторства
Во образложението на пресудата се наведува дека врвните луѓе на ОВК се одговорни за сурови третмани и убиства на неистомислениците
Специјалниот суд во Хаг ги осуди Хашим Тачи и Јакуп Красниќи на по 25 години затвор

Ова е првостепена пресуда за Хашим Тачи, поранешниот претседател и премиер на Косово и еден од најпознатите политички лидери на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК). Пресуда треба да им биде изречена и на Кадри Весели и Реџеп Селими.
Сите четворица беа меѓу политичките и воените лидери на ОВК за време на војната, а по војната заземаа високи позиции во косовските институции. Во 2008 година, како премиер, Тачи ја прогласи независноста на Косово, а подоцна беше претседател.
Процесот започна откако Специјализираниот совет, основан во 2015 година, го потврди обвинението против четворица поранешни лидери на ОВК во 2020 година.
Сите тие се притворени во Хаг од ноември 2020 година, судењето започна во април 2023 година, а доказната постапка заврши на крајот на 2025 година. 134 сведоци сведочеа во судницата.
Обвинението ги товари за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени најмалку од март 1998 до септември 1999 година, во Косово и делови од северна Албанија. Според обвинението, жртвите биле стотици цивили и други лица кои не учествувале во непријателствата. Обвинителството тврди дека четворицата обвинети се индивидуално кривично одговорни за злосторствата извршени од припадници на ОВК како дел од, како што е наведено во обвинението, широк и систематски напад врз лица кои се сметале за противници на ОВК.
Обвинетите ги отфрлија сите обвинувања и се изјаснија за невини. Нивната одбрана тврдеше дека нема доволно докази за директно поврзување на Тачи и другите со конкретни злосторства. Во последната фаза од постапката, обвинителството побара казни од 45 години затвор за секој од четворицата.






