Кипарската Влада предлага забрана за пристап до социјалните мрежи за деца под 15 години

Воведување на 15-годишната возраст како минимална возраст, под која нема да биде дозволен пристап до социјалните мрежи, вклучува, меѓу другото, Акцискиот план за заштита на малолетниците на социјалните мрежи што денеска го усвои кипарската Влада, информираше заменик-министерот за истражување, иновации и дигитална политика на Кипар Никодимос Дамиану.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, акцискиот план има три основни столбови: првиот е одредување „возраст за дигитално полнолетство“; вториот е развој на дигитален механизам за верификација на возраста, а третиот едукација и подигнување на свеста кај децата, родителите и наставниците.
Кипарската Влада предлага „дигиталното полнолетство“ да започнува на 15 години, а на децата под оваа возраст нема да им биде дозволен пристап на социјалните мрежи.
Предлог-законот, како што информираше надлежниот министер, набргу ќе биде ставен на јавна консултација, а се очекува во декември годинава да биде доставен за гласање во Парламентот.
Во однос на дигиталниот механизам за проверка на возраста, ќе се развие според моделот на техничкото решение предложено од Европската комисија (EU Age Verification Blueprint) и во текот на следната година ќе биде вклучен во владината апликацијата „Дигитален граѓанин“, преку која корисникот ќе може да докаже дека го исполнува старосниот услов, без при тоа да споделува други лични податоци.
За едукацијата и подигнување на свеста во општеството, објасни дека е планирано постепено преструктурирање на наставните програми на сите нивоа на образование, со воведување содржини поврзани со безбедно и креативно користење на интернетот, обука на наставниците и професорите, како и спроведување насочени кампањи, информативни денови и работилници за информирање и подигнување на свеста кај учениците, родителите и наставниците за заштитата на малолетниците на интернет, за опасностите што се појавуваат и одговорното користење на дигиталните технологии.
Заменик-министерот за истражување, иновации и дигитална политика на Кипар, соопштувајќи ги одлуките по денешната владина седница се осврна и на податоците, што според него, „јасно ја покажуваат големината и итноста на предизвикот“.
– Социјалните мрежи активно ги користат 98 отсто од младите на Кипар, највисок процент во Европската Унија. Сепак, се забележуваат слаби резултати во клучните вештини за процена и евалуација на информациите. Податоците од меѓународни организации покажуваат дека зголемената употреба на социјалните мрежи е поврзано со карактеристики на зависничко однесување, занемарување на други активности, конфликти со блиската околина и други негативни последици во секојдневниот живот, посочи Дамиану.






