Пашинјан: Ереван нема да се спротивстави ако Русија ја затвори воената база во Ерменија
Премиерот на Ерменија, Никол Пашинијан денеска изјави дека Ереван не е против Русија да ја затвори својата воена база во земјата.
– Никогаш не сме го ставиле прашањето за руската воена база што работи во Ерменија на дневен ред. Сепак, ако Москва сака да ја затвори својата 102-ра воена база, која се наоѓа во северозападниот град Ѓумри, Ерменија нема да се спротивстави на тоа, наведе Пашинјан.
Со договорот од 2010 година Русија има право да ја користи базата, во која се распоредени околу 3.000 војници, до 2044 година. Руската база се наоѓа на границата на Ерменија со Турција и е главен симбол на руското воено влијание во Јужен Кавказ.
Пашинјан посочи дека руската воена база на никаков начин не придонесува за безбедноста на Ерменија.
Ерменија е традиционален сојузник на Москва, но се стреми кон членство во Европската Унија.
Претседателот на Русија, Владимир Путин претходно изјави дека Москва е подготвена да ја затвори базата „утре“ ако Ерменија одлучи дека повеќе не ѝ е потребно руско воено присуство.
Секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу денеска го обвини Ереван дека се обидува да ги „прекине врските“ со Москва и да ја зајакне соработката со НАТО.
Односите помеѓу Русија и поранешната советска република значително се влошија откако Ерменија ги зајакна своите врски со ЕУ и САД, обвинувајќи ја Русија дека не успеала да ја заштити за време на војната со Азербејџан.
Москва исто така го забрани увозот на ерменски земјоделски производи. Русија е клучен пазар за Ереван.






