ОМО „Илинден“ ги отфрла наводите на Јотова дека им недостасуваат документи за регистрација: Софија бара изговор за да не нè регистрира

Пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во полза на Обединетата македонска организација (ОМО) „Илинден“ во Бугарија биле меѓу темите на средбата што бугарската претседателка Илијана Јотова вчера во Стразбур ја одржала со Ален Берсе – генерален секретар на Советот на Европа – тело чија надлежност е надзор врз спроведувањето на пресудите на Судот во Стразбур.
Во изјава за медиумите, Јотова рече дека Софија ги исполнила сите препораки и го изменила потребниот закон за да овозможи регистрација на „ОМО Илинден“. Изрази надеж дека наскоро ќе заврши сагата за регистрација на ова здружение на Македонците во Бугарија – прашање кое, како што рече, често се користи против Бугарија.
„За жал, тие секојпат пропуштаат да достават одреден документ – а нормално, доколку не се почитува законот, регистрацијата е невозможна. За жал, ова прашање често се користи против Бугарија. Постојат и обиди во резолуцијата за напредокот на Северна Македонија да се вметнат одредби кои се однесуваат на потенцијални спорови со Бугарија. Ние го отфрламе тоа. Прво, бидејќи не постои билатерален спор со Бугарија. Тие едноставно не ја спроведуваат европската политика што произлегува од постигнатиот француски компромис“,изјави Јотова за медиумите по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
Бугарската претседателка, сепак, цени дека ваквите отворени прашања треба да бидат решени зашто, како што рече, моменталната ситуација лошо влијае на имиџот на Бугарија.
Од ОМО „Илинден“, пак, ги отфрлија како невистинити наводите на Јотова дека македонските организации во Бугарија не успеваат да се регистрираат затоа што при поднесувањето на барањата постојано им недостигаат документи. Копретседателот на ОМО „Илинден“, Стојко Стојков, вели дека кога поднесуваат документи, тоа го прават по урнекот на документи на веќе регистрирани организации препорачани од бугарските власти.
„За жал од Република Бугарија стана навика да се лаже кога е во прашање македонското малцинство во Бугарија и неговите организации. Јотова дури и не разбрала што точно е аргументот на нејзината држава, бидејќи аргументот не е дека ни фалат документите, туку дека наводно намерно правиме грешки за да не бидеме регистрирани, за да сме ја компромитирале Бугарија“,
вели Стојко Стојков од ОМО „Илинден“ во изјава за Телма.
Европскиот суд за човекови права има донесено над 14 пресуди во корист на ОМО „Илинден“ и други македонски здруженија во Бугарија во кои е утврдено кршење на Членот 11 од Европската конвенција за човекови права, кој ја гарантира слободата на собирање и здружување.






