Полска предупредува дека Русија планира напади со беспилотни летала или ракети врз европските земји кои ѝ помагаат на Украина
Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека Русија планира хибридни напади со беспилотни летала или ракети врз европските земји кои ѝ помагаат на Украина, вклучувајќи ја и Полска. Според него, Русија ќе се обиде да ги прикаже ваквите напади како случајни со цел да ја парализира или барем да ја ослаби подготвеноста на членките на НАТО да ѝ помогнат на нападнатата земја, пишува „Асошиејтед прес“.

„Постои реален ризик беспилотните летала или други видови ракети да влезат на територијата на една или повеќе земји на источното крило, па дури и да предизвикаат уништување“,рече Туск во говорот пред полскиот парламент вчера.
Тој додаде дека официјалната верзија ќе биде дека станува збор за несреќа и дека НАТО нема причина да размислува за одговор.
Туск објасни дека Русија сега е поопасна затоа што сè повеќе користи беспилотни летала со млазен погон, кои летаат повисоко и побрзо, што го отежнува нивното откривање од страна на воздушната одбрана. Неговите предупредувања, кои траат со месеци, станаа поконкретни бидејќи тој рече дека добивал разузнавачки информации од НАТО и украинските и американските служби, вклучително и ЦИА.
Туск во последните денови истакна дека Русија сега се фокусира на напад на граничните премини меѓу Украина и нејзините европски соседи за да ги прекине линиите за снабдување. Минатата недела, четири такви инциденти беа регистрирани на полско-украинската граница, а неколку од нив се случија и на границата на Украина со Молдавија.
Според Туск, Русија во моментов не е подготвена за мировни преговори „без целосна капитулација на Украина“.
„Тие се убедени дека зимата ќе биде катастрофална за Украина“,рече тој.
Тој објасни дека Полска помогнала со испораките минатата зима додека енергетската инфраструктура на Украина била нападната. Доколку граничните премини бидат уништени, на Варшава ќе ѝ биде многу потешко да обезбеди таква помош оваа зима.
„Целта на Русија е да ја уништи украинската економија и логистика колку што е можно повеќе“рече Туск додавајќи дека разузнавачките информации покажуваат дека наскоро може да се очекуваат чести и интензивни напади врз шест големи украински градови.
Полскиот премиер објави дека ќе отпатува во Украина каде во Киев, ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски за одбраната од нови видови дронови, а со партнери како Словачка ќе разговара за понатамошни санкции против Русија.
Овој потег се толкува како чин на пркос кон Русија, особено откако европските лидери неодамна за малку избегнаа напад со беспилотни летала врз воз во близина на полско-украинската граница. Лидерите обично ги чуваат во тајност плановите за патување до Украина од безбедносни причини.






