Ептен големи луѓе!

Само тој што го гледа невидливото, го слуша безгласното и верува во невозможното – го постигнува неверојатното!

Мерсел Биљали

Една сиромашна и болна осамена старица во умирање го повикала свештеникот да се помоли за неа. Немала пари ни за лекови. Помолејќи се за старицата, свештеникот забележал стар лист хартија што бил врамен на ѕидот над нејзиниот кревет. Додека свештеникот го читал, старицата му се фалела дека пред многу години ѝ служела на англиска грофица која многу ја сакала. Тоа биле најубавите години од нејзиниот живот, бидејќи грофицата исто така многу ја сакала и почитувала. По смртта на грофицата, таа добила неколку подароци и тој лист хартија. Потоа свештеникот ја прашал: „Госпоѓо, дали некогаш сте го прочитале ова?“

„Не, не знам да читам. Но, како спомен на драгата грофица, го врамив овој лист хартија и го ставив над креветот“- рекла таа. Запрепастен, свештеникот ѝ рекол: „Госпоѓо, ова е тестаментот со кој грофицата ви го завештава целиот свој имот. Честитки, вие сте една од најбогатите жени во светот!“ Какво сознание било тоа за таа жена во умирање од болест и неухранетост, а можела да биде многу богата!

Нешто слично како на таа несреќна старица, им се случи и на овдешните наши гласачи, кои никако да разберат дека глас од срце не им се подарува на оние кои имаат потреба од мозок. Нашите гласачи никако да разберат дека тие како плаќачи на данок се патрони на секоја власт. А не обратнотo. Власта треба чесно и ефикасно да им служи на гласачите кои треба да се однесуваат како „работодавач“ што лесно дава отказ. Дури и пред да им заврши мандатот. Ама нашите гласачи се многу добри. Можете да ги молзите, но не мора да ги храните.

Ги навикнавме или да се борат против ветерниците, или се свртат накајшто дува ветерот! И токму поради тоа си добиваме власт како под казна! Ги навикнавме со паролата – нека живеат древните мртви, дури и да умираат сегашните живи!

Имено, нормалноста бега како газела од тука, а се враќа како желка. Тука уште не е сосема јасно кој кому служи. А вистинскиoт слуга е самиот тој што треба да биде газда (обичниот гласач)! Па оттука масовен колективен абортус во сите сфери, масовно иселување, и тоа не е само поради овдешната трома економија, туку и поради болно здавство, неписмено образование, некултурна култура, немериторен мерит систем итн. Таква неорганизирана држава е вистински рај за организираниот криминал. А ние како општество се давиме во тотален очај. Штом цело време гледате во бездното, нормале дека и бездното ќе гледа во вас. Така е кога го одбиваме божјиот тестамент за работливост, праведност и сложност, а го прифаќаме ѓаволскиот полн со омраза, лаги, поделби, криминали итн! Создадовме свест што ги гризе рацете на тие што ги хранат и ги лижеи нозете на оние што го клоцаат.

Бидејќи, туѓ ни е небескиот тестамент за трудољубивост, праведност, професионалност и искреност. Слатката лага вреди повеќе од горчливата вистина. Кај нас и јавниот збор веќе не значи ништо. Во мај мината година премиерот соопшти дека „Чебрен и Галиште“ ќе се градат со пари од договорот за стратешко партнество со Обединетото Кралство. Ептен голема вест, ама ништо не бидна од тоа. Пред три месеци (во јуни оваа година), премиерот како да се „предомисли“ па изјави дека владата самостојно ќе ги реализира двата големи хидроенергетски проекти на Црна Река. Но, и од тоа едно големо ништо. А сега од Вашингтон премиерот гласно ни соопшти дека разговарал со Американската корпорација за меѓународен финансиски развој (DFC) за можно финансирање на Чебрен и Галиште, но и за други енергетски, инфраструктурни и технолошки инвестиции!

Премиерот пред некое време најави дека новата гасна инфраструктура ќе стане транзитна врска меѓу ЛНГ-терминалот во Александруполи и централна Европа (за течниот гас). Тој очекува дека со завршувањето на јужниот и северниот интерконектор до крајот на 2028 година земјата да добие значително поголем капацитет. Ќе имаме 12 пати зголемен капацитет за инвестиции, за гасни централи кои би произведувале електрична енергија, која потоа би се користела во некои податочни дата-центри, а од нив би црпеле можности за вештачка интелигенција – објаснува премиерот. Но, видливи работи нема на терен. И тоа ќе потрае до следната ептен оптимистичка изјава. Ама исто така празна! Изгледа тишината ни е подобра од секаков говор.

 

Не бидува држава со избори по волја на ѓаволот!

Нашиот изборен систем е – народот гласа, а ѓаволот го брои. Избраните се целосно отуѓени од граѓаните. Тука лежи изворот на болеста. Штом отповикувањето не е можно, пратениците ќе му служат на партискиот врв. И тука се злоупотребите. Народот останува како таа неписмена старица со тестаментот. Штом заедницата нема капацитет да се одлепи од такви аномалии, тоа е културолошки абортус. Потот празнината се покрива со сеење етнчка омраза, несвесни дека упатството „око за око“ сите на крајот ги прави слепи. Мразејќи ги другите, не сме свесни дека мразиме дел од себе и дел од Бога. Оттука, наместо деца на Севишниот, стануваме деца на подземниот.

Улогата на државниците е да решаваат проблеми, колку да се тешки, а не да наоѓаат изговори криејќи се зад чувствата на народот. Трагично е поради нивна „чистина“ да се исчисти целата држава од своето витално население. Надземните идентитети кријат подземни (не)идентитети. Политичкиот живот би бил идеален кога секогаш би имале можност да избираме меѓу доброто и злото. Ама, хендикепот на политиката е изборот помеѓу две зла. Се избира помалото зло. Тука се разликуваат државниците од политичарите.

Нашата единствена надеж за спасение е патот на интеграција во ЕУ, но вештите манипулатори на „идентитетот“ веќе го уништија тој пат, само за да можат неколку луѓе од подземјето да го завршат она што остана над земјата. А на „овците“ ќе им фрлите нешто од сеното за да блеат по стадионите, на подиумите и по улиците. Влегуваме во четвртата деценија од осамостујувањето, а државата ни е сѐ позаробена, сѐ поназадна, сѐ поподелена, и секако сѐ попразна! Прагматичните Кинези велат дека во држава со такви ресурси како Македонија, би издржале дваесет милиона луѓе на висока нога. То е докажано кај нив во секој агол. Тие ја претвораат пустината во квалитетна земја, за разлика од нас кои го претвораме првокласното земјиште во пустина.

 

А зошто сме такви?!

Ние такви оти секогаш сме таму каде што не треба да бидеме. Рамно 36 години паѓаме на истиот успит и на истиот тест. За потоа да продолжиме да продаваме луѓе на парчиња. Додека Скопје остана врзано за бугарскиот јазол, Црна Гора и Албанија кои пред дваесет години беа многу зад нас, сега преговараат за последните преговарачки кластери. Брисел се умори од нас и ги одвои албанските и македонските пруги, дозволувајќи ѝ на Тирана самостојно да се движи по свој колосек. Земјата што во 1990-тите, пред целиот Исток важеше за фаворит за ЕУ, ​​сега ризикува свој опстанок! Како понаку кога рефренот на нејзиниот премиер-институција како трајна лебедова песна се или „предавството“ или „бугарскиот диктат.“ Не можете да најдете грам величина во таква маленкост. Господ нека ни е на помош, ама и тој е разочаран од нас Сфати дека нема такви шанси што ние не знаеме да ги прокоцкаме! Тој ни даде мозок, ама не и упатство како да го користиме! И ни кажа дека не може да се раѓа ново сонце во темнина.

Една жена чекала воз доцна во ноќта со сендвич во рака. Се викала Илва Јохансон, многу успешна шведска министерка за труд. „Јас сум обичен работник“, рекла министерката. При такви големи луѓе, сите други се големи. Ама само голем народ може да избере такви големи луѓе.

 

Back to top button
Close