Унгарија ќе им исплаќа пари за гориво на сопствениците на дизел-автомобили
Унгарија ќе им исплаќа по 5.000 форинти, односно околу 13 евра месечно, на сопствениците на автомобили со дизел-мотори до 110 киловати, со цел да ги ублажи последиците од растот на цените на горивата.

Мерката ќе важи за септември, октомври, ноември и декември, односно сопствениците ќе добијат вкупно 20.000 форинти, или околу 50 евра. Владата проценува дека ќе бидат опфатени речиси еден милион возила.
Повеќето сопственици нема да треба да поднесуваат барање. Унгарската даночна и царинска управа ќе ги користи постојните податоци за да утврди кој има право на помош, а првите исплати се очекуваат во октомври.
Владата одлуката ја образложува со силниот раст на цената на дизелот. На почетокот на септември, литар дизел во Унгарија чинел околу 675 форинти, односно 1,9 евра.
Оваа година Унгарија веќе интервенираше на пазарот на горива со ограничување на цените, но новата влада се одлучила за директна финансиска помош наместо повторно воведување општ ценовен плафон.
Мерката предизвика и критики, со оценки дека преку јавни средства се субвенционираат сопствениците на автомобили. Дополнителна помош е најавена и за земјоделците преку враќање на целосниот износ на акцизата за дизелот што го користат во земјоделството.






