Крајната десница победи на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија, а Левица води во Берлин

Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) извојува победа на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија, покажуваат излезните анкети, со што дополнително се зголемува притисокот врз канцеларот Фридрих Мерц.

Покраинските избори што денеска се одржаа во Берлин и во Мекленбург-Западна Померанија, според германските медиуми се уште еден важен тест за канцеларот Фридрих Мерц.

Според излезната анкета на германскиот јавен радиодифузен сервис, АфД освои околу 38 отсто од гласовите во североисточната покраина. Резултатот доаѓа само две недели откако партијата го постигна својот најдобар резултат досега во Саксонија-Анхалт.

ЦДУ на Мерц, според анкетата, е на околу пет отсто, што го доведува во прашање нејзиното задржување на застапеноста во покраинскиот парламент.

На изборите во Берлин, според излезните анкети, води партија Левица со 26 отсто од гласовите, пред ЦДУ и Зелените.

Во Мекленбург-Западна Померанија, АфД освои 38 отсто, пред Социјалдемократската партија на Германија (СПД) со 36,5 отсто. ЦДУ освои околу пет отсто, додека Левица е на шест отсто.

„Билд“ објави дека Мерц го поканил партиското раководство и сите осум покраински премиери од редовите на ЦДУ на состанок во седиштето на партијата.

Канцеларот истовремено го откажа планираното патување во Њујорк за Генералното собрание на ОН, со образложение од владата дека неговото присуство во Берлин е неопходно.

Пред две недели, партијата на Мерц претрпе тежок пораз на изборите во Саксонија-Анхалт, каде што АфД освои речиси 44 отсто од гласовите, додека ЦДУ доби околу 17 отсто.

По тој резултат се интензивираа дискусиите за политичката иднина на Мерц. Сепак, сите осум покраински премиери од ЦДУ пред неколку дена јавно го поддржаа канцеларот и ги отфрлија разговорите за промена на раководството на партијата или владата.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close