По смртоносниот напад, Израел подготвува голема операција на Западниот Брег

Израелските безбедносни сили се подготвуваат за серија „опсежни“ операции на окупираниот Западен Брег за време на еврејскиот празник Јом Кипур, по денешниот смртоносен вооружен напад.
Израелската војска веќе спроведува блокада на неколку палестински села во областа Рамала, каде што се случил нападот. Од вечерва се планираат десетици рации за апсење лица осомничени за вмешаност во нападот.
Во селото од кое потекнувал напаѓачот ќе биде спроведена операција со сили на ниво на бригада. Војниците ќе ја претресат неговата куќа и ќе изготват план на објектот пред неговото планирано уривање.
Напаѓачот е идентификуван како 37-годишен жител на Биду, село во близина на Ерусалим.
По дополнителното распоредување на силите, на окупираниот Западен Брег сега се ангажирани вкупно 27 баталјони, вклучително и специјални единици. Дополнително, ќе биде засилено присуството на војската, полицијата, Шин Бет и Цивилната управа во населените места и долж главните сообраќајници.
Во денешниот напад во близина на еврејската населба Халамиш, на окупираниот Западен Брег, загинал Израелец во триесеттите години од животот. Според полицијата, тој бил во автомобил кај природен извор кога палестинскиот напаѓач отворил оган кон лица кои се капеле, по што избегал.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по нападот изјавил дека сите што учествувале во нападите ќе бидат повикани на одговорност и најавил испраќање дополнителни сили на Западниот Брег.
Извор: skopje1.mk






