Шефицата на албанското разузнавање е под истрага за помагање криминалци — судот нареди домашен притвор

Директорката на Државната разузнавачка служба, Влора Хисени, денеска беше суспендирана од должност, а судот нареди да биде ставена во куќен притвор во рамки на истрага која би можела да прерасне во еден од најсериозните скандали поврзани со националната безбедност, јавуваат локалните медиуми.

Специјалното обвинителство на Албанија (СПАК) ја сомничи Хисени за „одавање државни тајни“ и „помагање на сторител на кривично дело“.

Според истрагата, таа користела тајни државни информации за да му помогне на Ергис Агаси да избегне апсење. Полицијата го уапси Агаси во август, а обвинителството го сомничи дека бил водач на криминална група во случајот со Агенцијата за национално информатичко општество (АКШИ). Во соопштението СПАК посебно нагласи дека обвинението се однесува на вториот став од член 302, кој се однесува на помагање на организиран криминал.

Додека припадници на Бирото за истраги (БКХ) биле во нејзиниот дом за да ја спроведат мерката „куќен притвор“, Хисени се наоѓала на неколку илјади километри оддалеченост, во Баку, Азербејџан. Таму ја претставувала Албанија на меѓународен форум посветен на борбата против тероризмот, на кој учествувале претставници од 100 земји.

Во меѓувреме, во Тирана, Специјалниот суд за корупција и организиран криминал (ГЈККО) покрај куќниот притвор ѝ изрекол и мерка „суспензија од должност“.

Полицијата во меѓувреме уапсила уште двајца осомничени кои наводно му помогнале на Агаси да избегне апсење. Едниот од нив е раководител на сектор во Одделот за научна полиција, а другиот е келнер во ресторан во комплексот со владините вили во Драч

Обвинителството го сомничи келнерот дека ги избришал снимките од безбедносните камери во ресторанот веднаш по апсењето на Агаси со цел да се отстранат доказите за честото присуство на Агаси во ресторанот, кој го посетуваат политичари и други познати личности.

Истрагата е во тек. (Sloboden pecat)

Back to top button
Close