Трамп: Америка се врати и ѝ оди подобро од кога било

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска пред Генералното собрание на Обединетите Нации изјави дека Соединетите Американски Држави „се вратија“ и дека се посилни од кога било досега.

– Ни завидуваат на економијата, армијата е најмоќна во светот, технологијата е најдобра и водиме во речиси сите области. Нашето гориво ја напојува планетата. На нашата земја ѝ оди подобро од кога било, иднината е светла – рече Трамп во својот говор на Генералната дебата во рамките на 81-то заседание на Генералното собрание на ОН.

Според него, денес се вработени повеќе Американци од кога било, а сиромаштијата меѓу граѓаните на САД, вклучувајќи ги Афроамериканците и Хиспаноамериканците, е на историски минимум.

– Мојата администрација ги отстранува сите непотребни прописи. Ги намаливме даноците и имаме повеќе инвестиции од која било земја во историјата – рече Трамп.

Тој изјави дека „не верува во тоа дека на проблемите треба да им се дозволи да се влошат“, бидејќи тогаш е само потешко да се решат.

– Значи, додека другите само зборуваа, јас делував. Додека другите зборуваа за мир, јас го остварив. Додека другите ги занемаруваа заканите, јас им се спротивставив. Додека другите зборуваа за храброст, Америка ја покажа. Додека другите ветуваа сила, јас ја искористив за да ја направам Америка најмоќна земја во светот. Во соработка со многу нации присутни во оваа сала, решаваме децениски, тешко решливи предизвици и ги завршуваме работите што со години стоеја незавршени. И тоа го правиме успешно – истакна Трамп.

Back to top button
Close