Телото и љубовта како точки на отпор во “времињата на чудовишта” – кон “Ќерките на генералот” од Мимоза Хиса

Две сестри.

Близначки.

Угледна фамилија.

Диктатура во споро распаѓање.

Забранета љубов

Бебе на две мајки?

Современата албанска писателка, Мимоза Хиса, ја нашла (скоро) совршената шема за приказна која тешко ја испуштате од рака. Ви создава тензија врзана со плејада ликови од кои дел на моменти ве иритираат, но и ве интригираат доволно за да се задлабочите и да ја завршите во неколку часа. Ова рецензија не се обидува да биде текст за книжевна вредност, жанр, метафори… Ова е текст за прашањата кои доаѓаат отпосле.

Денот по читањето на романот.

Романот „Ќерките на генералот” неодамна објавен во издавачката куќа „Чудна шума“ раскажува приказна за две близначки кои, растени и воспитувани во семејство на политички авторитетен (а во домот авторитарен) татко, како сплет на серија околности стануваат, на ниво на сензибилитет но и на ниво на суштина и вредности, сосема различни личности. До степен на еднодомензионални и благо карикирани ликови. Хиса во интервју за порталот Блен вели „Мартина и Марсина се две жени, две сестри, но за мене тие, на некој начин, се две половини од една подвоена личност“.

Но, да се навратам на темите и прашањата кои следат после читањето.

Бидејќи, во тоа лежи моќта на оваа тензична, на моменти вознемирувачка и прилично тажна приказна.

Последиците од живењето под авторитарен режим во својата полност се чувствуваат подоцна. По падот, кога слободата политички, социјално, приватно (и интимно бидејќи овој роман „фаќа“ една клучна линија на отпорот и на пркосот а тоа е дека отпорот почнува „во телото“) е опција, но телото и духот сè уште не знаат што и како со таа слобода. Кои системот толку длабоко ги субјектифицирал што неговите пипци и неговото „севидливо око“ се длабоко повнатрешнети.

Скролајќи низ инстаграм наидов на еден став кој се чини прецизен и според кој „нема поискрен показател на душата на едно општество од начинот на кој ги третира своите деца“. Последователно истото е соодветно и за семејствата кои често се микроприказ на општествените и политичките оски на моќ. Мартина и Мерсина како ликови се развиваат во однос на семејството и системот. Едната како оптимистички, весел отпор и манифестација на слобода, другата како фундаментална и ригидна репродукција на вредностите на системот.

“Ако Арси, мојот син, денес остане надвор цела ноќ без да ми се јави, утрото за мене би било драматично, иако тогаш не стануваше збор за страв за животот, туку за страв од срамот. А срамот во тоа време вредеше многу повеќе од животот. И денес би се исправила на врата и би одржала утрински состанок со Арси, би му ги набројала минутите на чекање за да почувствува колку мене ме чинеле во текот на цела ноќ”.

наспроти

“Ако Хелена, мојата ќерка, која денес е на мојата тогашна возраст, една ноќ не се врати дома затоа што ја занеле нејзините скитања, би имале малку пожесток разговор додека ги миеме забите над мијалникот во бањата. Додека устата ми се полни со паста за заби и јас исплукувам зборови на загриженост, таа би ми ја зела пастата од рака и би ставила малку на својата четка, а разговорот би продолжил нејасен и неразбирлив додека си ги белееме забите за да започнеме нов ден. А последниот совет би бил: проклетиот телефон секогаш да биде вклучен и да не заборави да ми се јави дури и кога, по ѓаволите, ќе ѝ текне да ја помине ноќта надвор. Ништо не би се променило во статусот на мојата ќерка. Нејзината кожа не би мирисала лошо за мене, ниту од неа би се ширел мирис на срам што би ми ја направил туѓа, далечна, омразена. Една нејзина ненајавена ноќ надвор, наместо не сакајќи да ми излета шлаканица, можеби би ме натерала да ѝ дадам некоја луда прегратка затоа што повторно е дома и го бара својот филџан за млеко во мијалникот. Зашто сè уште сака да го пие млекото од филџанот со отпечатокот од сопствената дланка кога имала пет години. Зашто е цврсто врзана за навиките на својот дом и за мојата града што ја чека, а јас за ништо на светот не би имала сила да ѝ го одземам тоа”.

И години по падот на режимот на Хоџа, кога траумите на надзорот, прислушувањата, интернациите се минато двете сестри остануваат обележани од она кое се создало како вредност под чизмата на диктаторот и таткото – страв од срамот како приоритет од една, наспроти љубов и слобода од другата страна.

Последниве две децении, често се парафразира “Стариот свет умира, а новиот свет се бори да се роди: сега е времето на чудовиштата”. Иако фразата погрешно му се атрибуира на марксистичкиот филозоф Антонио Грамши, нејзината современа пролиферација зборува за прецизен приказ на моментите на премин од диктатура во нов систем.

Приказните на Мартина и Марсина се сместени во историски миг на слабеење на режиот на Енвер Хоџа. Момент кој во семејството се отсликува низ ликот на генералот. Идејата дека таа фаза „е времето на чудовиштата“ ви се наметнува додека читате. Го освестувате прашањето кое го следи човекот низ историјата (и добива безброј импресивни форми во уметноста) – дали чудовиштето е секогаш тука? Или е создадено низ просецот додека системот ве меле во своите вилици? Создавајќи ве како дел од него. Или во отпор на неговиот притисок? Или чудовиштето тлее во различни луѓе кои тивко постојат и дејствуваат како ситни апарати кои го овозможуваат системот се додека не го дочекаат мигот кога имаат можност „да го ослободат ѕверот“? Дали чудовиштето не се раѓа туку чека контекст кога нема правила? Или кога системот го чувствува својот пад и под притисок на таа параноја создава или невротично засилува премногу правила?

Што нè води кон следната теза важна за овој роман. А тоа се ликовите кои потсетуваат на гогољовско-кафкијански службеници и бирократи, опседнати со чувството на надмоќ и калкулација кои во сенките на законите собираат информации, досијеа и податоци кои понатаму ги злоупотребуваат.

Во романот се појавува лик чија експликација и лична историја станува злоупотребена како емотивно оправдување на неговите постапки. Некаква меланхолија и драматичност во изразот кога ја опишува својата „заљубеност во машните во косите на ќерките на генералот“ во чие семјество решил дека ќе влезе, цел за која понатаму не бира средства.

И неговиот говор, сведен на клишеа потсетува на она што Хана Арент го бележи од судењето на Ајхман кој „и покрај своето прилично лошо помнење, секогаш одново ги повторува, збор по збор, истите готови фрази и самосоздадени клишеа (кога ќе успееше да конструира реченица по сопствена иницијатива, ја повторуваше сè додека не се претвореше во клише) секогаш кога се навраќаше на некој за него важен инцидент или настан“. Во диктатурите послушниот бирократ кој го репродуцира системот е сличен независно од неговата идеолошка основа.

Овој текст би го завршила со констатацијата на Марсина

„И денес се плашам од луѓето што знаат што прават и се претерано сигурни во своите убедувања, се плашам од луѓето што градат крути системи од кои не се поместуваат ниту запирките, се плашам од луѓето со чиста граматика и сложена синтакса, во која сите реченици чудесно се поврзуваат со составни и подредени сврзници. Реченици што секогаш имаат свое „зошто“ и свое „затоа“. Се плашам од луѓето што знаат да дадат одговор на сите прашања“

Затоа што е во право.

Лени Фрчкоска

 

Back to top button
Close