(Видео) Иранскиот претседател покажа фотографии од убиени деца на Генералното собрание на ОН, Американците излегоа од салата
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации остро ги отфрли обвинувањата на американскиот претседател Доналд Трамп и порача дека Иран не е терористичка држава, туку, како што наведе, жртва на тероризмот.
Iranian President Pezeshkian shows photos and accuses U.S. and Israel of bombing children and U.S. delegation walks out: "You see these children? These children perished under bombs with weapons used by the United States and Israel." https://t.co/OSWe43WAWG
— CSPAN (@cspan) September 23, 2026
„Американскиот претседател нè нарече терористи. Ние всушност сме жртви на тероризмот“, рече Пезешкијан. Тој ги обвини САД и Израел дека користеле оружје во напади во кои загинале деца и нагласи дека Иран, според неговите зборови, се бранел и не го напаѓал цивилното население.
За време на говорот, Пезешкијан покажа фотографии од починатиот врховен лидер Али Хамнеи и од повеќе од 150 ученици кои, како што наведе, загинале во првите денови од војната. „Само се браневме. Не сме терористи“, порача тој.
За време на неговото обраќање, американската делегација ја напушти салата.
Пезешкијан рече дека Иранците сакаат да живеат независно и ги отфрли обвинувањата дека Иран претставува закана за мирот и стабилноста. Тој истакна дека Иран, според неговите тврдења, во последните два века не нападнал ниту една земја или туѓа територија и дека неговата воена моќ е насочена кон одбрана.
Во однос на нуклеарната програма, иранскиот претседател повтори дека неговата земја сака нуклеарна технологија за производство на енергија и развој, а не за воени цели.
„Нема нуклеарно оружје и нема ограничување за мирнодопската нуклеарна технологија“, рече Пезешкијан, додавајќи дека Иран нема да се откаже од она што го смета за свое право.
Осврнувајќи се на Ормускиот Теснец, Пезешкијан рече дека Иран не може да дозволи други да го користат пловниот пат за свои интереси, а истовремено да го користат за, како што наведе, агресија против Иран и создавање несигурност.
Тој предупреди дека проширувањето на воените конфликти нема да донесе безбедност, а состојбата во Палестина ја опиша како „отворена рана на совеста на меѓународната заедница“.
Пезешкијан порача дека траен мир во Западна Азија не е можен без, како што истакна, правда за Палестина.
Иранскиот претседател упати порака и до оние што, според него, извршиле агресија врз Иран, велејќи дека неговата земја нема да се предаде и дека ќе го брани својот народ и својата територија.
Тој исто така посочи на, како што ги оцени, двојните стандарди во односот кон Иран и Израел, наведувајќи дека Израел поседува нуклеарно оружје, додека меѓународните инспектори се присутни во Иран.
На крајот од говорот, Пезешкијан повика на дијалог и дипломатија, но без, како што рече, прифаќање на „јазикот на силата“.
„Подготвени сме за дијалог, дипломатија и преговори – но без прифаќање на јазикот на силата“, порача тој.






