Акција на 23 локации: Приведени 13 лица за шверц на цигари, меѓу нив шестмина службеници


Царинската управа откри организиран систем за шверц на големи количини цигари, преку кој, според досегашната истрага, било избегнато плаќање давачки кон државата во износ од над 377 милиони денари, односно повеќе од шест милиони евра. Во седум откриени случаи нелегално во промет биле пуштени вкупно 69.350.000 цигари.

Во акцијата се приведени 13 лица, меѓу кои четворица царински и двајца полициски службеници, а кривични пријави се поднесени против три правни и 18 физички лица. Од Царинската управа најавуваат дека истрагата продолжува и дека се очекува бројот на опфатени лица да се зголеми.

Станува збор за истрага што ја спровел Секторот за контрола и истраги при Царинската управа, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и во соработка со Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР.

Случаите се однесуваат на периодот од 1 јануари до 30 јуни 2024 година, а истрагата открила повеќе начини на незаконско внесување, истовар и пуштање во промет цигари без соодветна царинска евиденција и без плаќање на законските давачки.

Во истрагата се опфатени шпедитерски, транспортни и увозни компании, физички лица, како и полициски и царински службеници.

Според Царинската управа, во три од вкупно седумте откриени случаи шлепери натоварени со цигари влегувале во Македонија преку граничниот премин Богородица во транзитна постапка. Наместо товарот да ја напушти земјата согласно царинските прописи, цигарите биле нелегално истоварани на територијата на Македонија.

Потоа празните шлепери ја напуштале државата преку граничниот премин Табановце, додека во царинскиот систем биле евидентирани како да се полни со цигари. На тој начин транзитните постапки биле раздолжувани како товарот навистина да ја напуштил земјата.

Во останатите четири случаи, според истрагата, шлепери натоварени со цигари исто така влегувале преку Богородица, но нивниот влез во државата воопшто не бил евидентиран ниту од царинските ниту од полициските службеници.

Цигарите потоа биле истоварани во земјава без соодветна документација и без да бидат ставени во законски предвидена царинска постапка, а притоа не биле платени ниту давачките кон државата.

Вкупната количина опфатена со седумте случаи изнесува 69,35 милиони парчиња цигари, за кои Царинската управа тврди дека нелегално биле пуштени во слободен промет.

По собраните докази, на 23 септември 2026 година Царинската управа поднела кривични пријави против три правни и 18 физички лица. Меѓу пријавените се тројца полициски и четворица царински службеници.

Пријавите се однесуваат на повеќе кривични дела, меѓу кои криумчарење, царинска измама, несовесно работење во службата, злоупотреба на службената положба и овластувањата, компјутерска измама и избегнување плаќање акциза.

„Истрагата јасно покажува дека незаконското постапување не се однесува само на учесници од страна на економските оператори, туку опфаќа и вклученост на службени лица кои, согласно своите законски овластувања и работни обврски, се обврзани да го спречат токму ваквото незаконско постапување“, изјави директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

По поднесувањето на кривичните пријави, биле издадени наредби за претрес на 23 локации. Претресите биле извршени утрото на 24 септември во координација со надлежниот јавен обвинител и со асистенција на МВР.

До моментот на објавување на информациите биле приведени 13 лица – четворица царински службеници, двајца полициски службеници, двајца возачи и уште пет други физички лица.

Од Царинската управа велат дека истрагата продолжува и дека се преземаат дополнителни дејствија за целосно расчистување на случаите и утврдување на одговорноста на сите инволвирани. Според досегашните сознанија, се очекува бројот на лица опфатени со истрагата и бројот на кривични пријави дополнително да се зголемат.

Николовски порача дека посебен приоритет ќе бидат случаите во кои постојат сомневања за злоупотреба на службената должност или соработка на службени лица со организирани криминални структури.

Тој истакна дека во истрагата, на иницијатива на македонската Царинска управа, била добиена помош и од царинските управи на Грција и Србија.

„За Царинската управа нема и нема да има недопирливи. Секој за кој ќе се утврди дека ги прекршил законите или ги злоупотребил службените овластувања ќе биде предмет на соодветна постапка пред надлежните институции“, порача Николовски.

Тој додаде дека за шверцот со цигари досега „само се шепотело во кулоарите“, оценувајќи дека оваа истрага покажува како преку меѓуинституционална и меѓународна соработка може да се дојде до конкретни резултати.

Back to top button
Close